ЈАНКУЛОСКА ИЗЛЕГУВА ОД ЗАТВОР ЕДНА ГОДИНА ПОРАНО ПОРАДИ ПРИМЕРНО ПОВЕДЕНИЕ, САМО НЕ ТРЕБА ДА ГО ПОВТОРИ КРИВИЧНОТО ДЕЛО ЗА КОЕ Е ОСУДЕНА

    ЈАНКУЛОСКА ИЗЛЕГУВА ОД ЗАТВОР ЕДНА ГОДИНА ПОРАНО ПОРАДИ ПРИМЕРНО ПОВЕДЕНИЕ, САМО НЕ ТРЕБА ДА ГО ПОВТОРИ КРИВИЧНОТО ДЕЛО ЗА КОЕ Е ОСУДЕНА„Во досегашниот издржан дел од казната за Јанкулоска во ниту еден момент не биле евидентирани прекршоци на одредбите од куќниот ред, го почитувала и имала примерно поведение“, вели Скопска апелација. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје одлучил на осудената на 4 години затвор ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да ѝ дозволи условен отпуст и да ја пушти дома една година пред истекот на затворската казна. Од затворот „Идризово“ таа си заминува на први ноември годинава.

    Првин Јанкулоска тоа го побарала од Основниот кривичен суд Скопје, но таму ја одбиле. Го обжалила тоа решение до Апелациониот суд Скопје, таму ѝ ја прифатиле жалбата.

    Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, донел решение со кое ја одбил како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а ја уважил жалбата на осудената Гордана Јанкуловска од Скопје, при што Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го преиначил и ја отпуштил осудената на 01.11.2023 од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст на 28.09.2024, да не стори ново кривично дело.

    „Апелациониот суд Скопје при одлучувањето ги имаше предвид списите приложени кон предметот, пред сè податоците добиени од установата каде осудената ја издржува казната затвор. Имено, судот ги ценеше личните прилики на осудената, особено околноста дека осудената е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, а посебно ценејќи ги предвид податоците од Установата каде осудената ја издржува казната затвор, со оглед да осудената ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања. Имала развиено чувство за лична и општествена одговорност и однесувањето ѝ било во склад со општествените норми“, наведе денеска Скопска апелација.

    Во досегашниот издржан дел од казната за Јанкулоска во ниту еден момент не биле евидентирани прекршоци на одредбите од куќниот ред, го почитувала и имала примерно поведение, а воено и коректен однос кон службените лица.

    „Сметано од 25.10.2022 година, осудената била работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост, користела и погодности надвор од установата, што упатува дека осудената се поправила до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувала и дека нема да врши кривични дела, со што е остварена и целта на казнувањето предвидена со чл.32 од КЗ“, заклучува Апелациониот суд Скопје.

    Јанкулоска е осудена за злоупотреба на службената положба и овластувањата во случајот „Тенк“, каде му помага на тогашниот премиер Никола Груевски, со пари на полицијата на наместен тендер да си купи „мерцедес“ од 600.000 евра за лична употреба за кога нема да биде пред новинарите и граѓаните. Јанкуловска беше 9 години министерка за внатрешни работи во владата на Груевски, од 2006 до 2015 во мај кога си даде оставка поради вооружените напади во кумановската населба Диво Насеље.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира