ЈАНКУЛОСКА КАЛКУЛИРАЛА СО БЛЕРИМ БЕЏЕТИ ЕКСТРАДИЦИЈА И СУДЕЊЕ ЗА УБИЕНИТЕ ДЕЦА ВО „МОНСТРУМ” ДА НЕМА ПРЕД ИЗБОРИ

    ЈАНКУЛОСКА КАЛКУЛИРАЛА СО БЛЕРИМ БЕЏЕТИ ЕКСТРАДИЦИЈА И СУДЕЊЕ ЗА УБИЕНИТЕ ДЕЦА ВО „МОНСТРУМ” ДА НЕМА ПРЕД ИЗБОРИПоранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска сведочи на судењето за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. (Фото: СДК.МК)

    На денешното рочиште за повтореното судење за „Монструм“, за првпат сведочат ексминистерката за внатрешни Гордана Јанкулоска, ексдиректорот на БЈБ Љупчо Тодоровски-Радникот и поранешниот советник на Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски.

    Прва сведочи Јанкулоска, која беше изненадена од обвинителката Фатиме Фетаи, која читаше нејзини разговори пред родителите на четирите убиени деца и рибарот пред 8 години кај Смиљковско езеро.

    „На 29.01.2013 година, според прислушуван разговор меѓу вас и тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, тој ве известува дека спремил една добра анализа за ‘Монструм’ и направил презентација на која ве поканил и вие да присуствувате. Дали се сеќавате што беше презентирано, кој присуствуваше, за каква анализа станува збор, после скоро една година од петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 година?“, ја праша обвинителката Фатиме Фетаи ексминистерката Јанкулоска.

    „Не би можела да се сетам дека сум присуствувала, не велам дека немало“, одговори Јанкулоска за дополнителната анализа за монструозното убивање, на која Мијалков ја викнал да дојде да ја види и чуе.

    „Имало ли презентација во врска со ’Монструм‘ на која присуствувале претставници на меѓународната заедница?, продолжи Фетаи.

    „Имавме средби со меѓународни претставници за овој голем случај, но на формална презентација јас не се сеќавам дека сум присуствувала“, одговори таа.

    „На 3.03.2013 година во разговор со косовскиот министер за внатрешни работи разговарате за две фатени лица и за потврда на нивниот идентитет“, продолжи Фетаи со прислушувани разговори во врска со „Монструм“.

    „Имав почести контакти со колегата, зборувавме за првите двајца обвинети Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. Разговаравме за процедурата за нивно испорачување. Тогаш беше министер Блерим Беџети. За жал, како што гледам, до денеска нема резултат постапката за екстрадиција на овие двајца обвинети“, одговори Јанкулоска.

    „Дали под таква добра соработка се подразбира и политичка калкулација околу датум на екстрадиција и датум за одржување на судски претрес? Ова ве прашувам зашто во еден од разговорите со тогашниот министер за правда Блерим Беџети, на 14.03. 2013 година, непосредно пред одржување на изборите, таков впечаток може да се стекне од содржината на разговорот што го водите лично вие со него“, продолжи Фетаи.

    „Калкулирате и со изборите. Битно е да се прати предметот во Косовското министерство за правда, па после калкулирајте, ако тебе ти е да нема рочиште пред изборите. Да збориме другарски“, му вели Јанкулоска на Беџети, а ова ѝ го чита Фетаи.

    Блерим Беџети, според она што го прочита Фетаи, ѝ вели на Јанкулоска дека да нема судски рочишта пред изборите, зборел и со Мијалков.

    „Вие презентирате само дел од тие разговори, а не цел контекст“, реагираше Јанкулоска.

    „Нема проблем, ќе ви го прочитам целиот разговор со Блерим Беџети“, ѝ понуди обвинителката Фетаи.

    „Не, нема потреба“, рече Јанкулоска.

    Според неа, каков и впечаток да се добие од разговорите, фактите за сработеното за „Монструм“ се поинакви. Рече, не се согласува дека политички калкулирала со овој трагичен случај.

    Судењето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира