ЈАС НЕ ИЗБЕГАВ КАКО ГРУЕВСКИ, 13 ГОДИНИ СЕ БОРАМ ЗА ПРАВДА, ВЕЛИ БУЧКОВСКИ ЗА ЗАСТАРУВАЊЕТО НА ДЕЛОТО ВО „ТЕНКОВСКИ ДЕЛОВИ“

    ЈАС НЕ ИЗБЕГАВ КАКО ГРУЕВСКИ, 13 ГОДИНИ СЕ БОРАМ ЗА ПРАВДА, ВЕЛИ БУЧКОВСКИ ЗА ЗАСТАРУВАЊЕТО НА ДЕЛОТО ВО „ТЕНКОВСКИ ДЕЛОВИ“На рочиштето за „Тенковски делови“ следниот петок, Бучковски ќе дава завршен збор на судењето. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер Владо Бучковски не се согласува со одлуката на обвинителот да побара прекин на постапката поради апсолутна застареност на делото на денешното судење за предметот „Тенковски делови“ и побарал од судот да донесе ослободителна пресуда. Бучковски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања при набавка на резервни делови за армиските тенкови во 2001 година како министер за одбрана. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не сакаат да го ставаат во ист кош со експремиерот Никола Груевски, кому во средата му застаре делото за „Траекторија“ за кинеските автопати.

    „Неговиот случај за ’Траекторија‘ застари затоа што се даде во бегство, јас 13 години се борам за правда, а денес обвинителот го преквалификува делото и побара прекин на постапката пoвикувајќи се на апсолутна застареност! Јас не се согласив и побарав судот да донесе ослободителна пресуда!“, вели Бучковски.

    На рочиштето следниот петок, Бучковски ќе дава завршен збор на судењето.

    Според обвинението, на крајот на 2001 година, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т-55“. Шест години подоцна Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка и во јули 2007 година поднесе обвинение против Бучковски и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски за злоупотреба на функциите и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од речиси 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира