Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн на денешната прес-конференција со македонскиот колега Никола Димитров кажа дека меѓу него и унгарскиот премиер Виктор Орбан има разлика, бидејќи тој ги поддржува оние што сакаат да создадат услови за нормално функционирање на државата.
„Јас не се викам Орбан, туку Жан Аселборн, и има разлика. Јас ги поддржувам тие што сакаат да создадат услови за нормално функционирање на државата, исто како и повеќето политичари од ЕУ, кои сакаат да донесат стабилност на Балканот“, рече Аселборн и додаде дека клучно е функционирањето на правото, одговарајќи на новинарско прашање околу поделеноста во ЕУ во однос на поддршката на експремиерот Никола Груевски.
Орбан дојде во Охрид на 28 септември да се сретне со Никола Груевски. Тој во Македонија допатува како лидер на партијата Фидес, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во фамилијата Европски народни партии и се задржа три часа.
По средбата, Груевски и Орбан, на кои им се придружи и лидерот на словенечката опозиција Јанез Јанша, имаа заедничка прес-конференција. Зад нив, стоеја и дел од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници.
„Многу ни е драго што и господинот Груевски по претходните парламентарни избори реши да остане, од позиција на опозиција да и служи на сопствената татковина и јас можам само да му честитам за тоа и му посакувам многу успеси“, изјави тогаш Орбан и додаде дека иако не може да се меша во изборна кампања во Македонија, сака да им порача на граѓаните на Република Македонија, дека „таа е една многу важна држава и затоа изборите тука се воедно и европски избори“.