Судскиот процес за масовното нелегално прислушување „Тврдина-Таргет“ продолжи денеска со сослушување на сведокот Ѓорѓи Лазаревски од страна на адвокатите на обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков.
На прашање кој се имал можност да влезе во просторијата каде што бил системот за прислушување во УБК, односно во Петтата управа на која по Лазаревски бил поставен за началник избеганиот обвинет Горан Грујевски, Лазаревски одговори дека можеле да влезат тој, началникот Грујевски, Небојша Стајковиќ и уште осуммина маркирачи и инженери, но и директорот на УБК Сашо Мијалков.
На тоа, од место Мијалков одрече со прст. Сведокот Лазаревски го потсети: „Па јас прв ве внесов во просторијата кај системите за следење“.
Адвокатот Љупчо Шврговски го праша како било возможно да влезе во системот, кој му дал пасворд и корисничко име кога бил тргнат од началничкото место во Петтата управа и да ги копира и украде снимките од прислушуваните разговори?
„Не ми го ни земаа пасвордот што го имав претходно како администратор. Тој што е администратор, има пристап до сите витални точки до системот за следење. Тој што влегува со администраторски јузер, влегува овластено“, му одговори Лазаревски.
Тогаш обвинителот од СЈО Артан Ајро реагираше дека сведокот неколку пати објасни оти влегол со стариот пасворд кој уште не бил сменет.
„А бе ајде, нова власт ќе го остава стариот јузер!“, реагираше Шврговски.
Мијалков тогаш го повлече адвокатот за сакото да седне.
„Ама зошто губите енергија, еве го записникот што кажал сведокот“, му рече вториот судија Владимир Туфегџиќ.
„Ете судија, се празниме вака“, му рече Шврговски.
На прашање како знаел дека прислушуваните разговори што ги открил се нелегални, сведокот Лазаревски одговори, тоа го заклучил оти во тој систем за прислушување не би требало да има толку многу јавни личности и толку многу службени телефонски броеви во сопственост на органите на државата.
Судењето е во тек.
С. К. ДЕЛЕВСКА