Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје Петре Шилегов прогласи победа во првиот круг од локалните избори.
„Новото Скопје повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред. Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг,“ изјави Шилегов на денешната прес-конференција.
Тој најави дека новата градска администрација што ќе ја предводи ќе биде сервис на граѓаните и им се заблагодари на сите граѓани на Скопје, на сите политички партии кои учествуваат во изборите, како и на сите институции што овозможија слободни и демократски избори.
Шилегов вели дека сѐ уште нема добиено честитка од досегашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски и дека очекува во текот на денешниот ден да му се јави и да го признае поразот.
Според досега пребројаните гласови од Државната изборна комисија, а тоа се 97,81%, Шилегов има 50,28%, а неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски има 36,08%.