Тринаесет научни институти се затворени, а уште 13 се под силен мониторинг и допрва треба да се види колку од нив ќе бидат затворени. Затворена е и една медицинска струка, ќе се затвори и уште една, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На панел дискусијата на 14. Самит на Македонија 2025, Јаневска рече дека има приватни универзитети кои постојат како трговски претпријатија, „дека ‘штанцале’ дипломи години наназад и Владата им се спротивстави, но има и приватни универзитети кои навистина добро работат“.
„Не сум против отворање приватни школи, универзитети и слично, но секој мора да го почитува законот и уште поважно, тие да не се отвораат исклучиво за бизнис цели, туку со мисија навистина да помогнат во подобрување на квалитетот на образованието во државата и да градат добро подготвени млади генерации. Јавна тајна е, луѓето отворено зборуваат кога се наоѓаат во приватен круг, дека се стекнале со такви дипломи, но, како што кажав, тешко се докажува оти едната и другата страна е учесник, и двете страни треба да одговараат, тоа е криминално дело. Но, бидејќи е и јавна тајна и бидејќи имаме инструменти со кои можеме да провериме каков е квалитетот на образованието во одредени високо-образовни институции, ние тоа го правиме. Има недоречености во Законот, има нешта во минатото што не се направени, на пример евалуации од страна на Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО). За да можеме да го затвориме процесот, мора да направиме измени во законите за високо образование, за Агенцијата, за научно-истражувачка дејност, за иновации. Она што ни го дозволува Законот за наука, тоа го спроведуваме“, рече министерката.
Јаневска додаде дека кога почнале проверките и затворањето, одреден број институти сами поднеле барање за затворање.
„Тие беа свесни дека не ги исполнуваат условите и ги затворивме“, кажа таа.
Министерката кажа и дека реформите во образованието со дисперзираните студии не го дадоа очекуваниот резултат. Се продуцираа кадри со недоволно висок квалитет, а дел од нив се вработените во државните институции.
„Образовниот систем создава кадар каков што му е потребен на македонското стопанство, на индустријата, економијата, трговијата, па и администрацијата. Но, проблемот е друг, демографски. Лошите политики во изминатите години го намалија бројот на населението. За седум години, бројот на ученици е намален за 17.000. Имаме 7.000 студенти помалку. Не може да се пополнат сите новосоздадени места или постојните испразнети“, кажа министерката.