ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО БАРА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 30 ОТСТО, МЕЏИТИ ВЕЛИ ДЕКА ВЕЌЕ ДВА ПАТИ СЕ ЗГОЛЕМЕНИ

    ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО БАРА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 30 ОТСТО, МЕЏИТИ ВЕЛИ ДЕКА ВЕЌЕ ДВА ПАТИ СЕ ЗГОЛЕМЕНИЗдравствените работници од Независниот синдикат протестираа во Скопје, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Гостивар, Тетово и Кичево. - Од протестот во скопскиот Клинички центар. (Фото: К. Попов)

    Покачување на платите за 30 отсто, четири проценти инфективен додаток, бенефициран стаж за целото здравство, како и промена на Колективниот договор побараа членовите на Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал на денешниот полчасовен протест пред здравствените институции во Скопје, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Гостивар, Тетово и Кичево.

    Според Лазо Костовски, претседател на Независниот синдикат на геријатрија, во постоечкиот Колективен договор има доста неправилности кои треба да се изменат.

    „Покачувањето на платите зависи од Министерството за финансии. Во овој момент Министерството за здравство располага со многу помал буџет, за разлика од изминатите години, затоа не можеме да ги имаме ниту тие покачувања кои требаше да ги имаме досега. Во буџетот на здравство нема пари, но има во централниот буџет. Ние гледаме дека овие наши функционери сакаат на некој начин да го смират народот, со најавата дека ќе ги намалат коефициентите на нивните плати, а тоа ќе трае до јануари месец, кога ќе го имаат покачувањето од 300 до 500 евра, фактички тоа нивно покачување ќе биде намалено и тие ќе си останат на истите овие плати кои што ги имаат сега“, кажа Костовски.

    Тој најави дека Синдикатот ќе расправа дополнително за следните чекори, а можна е радикализација на протестите.

    По протестот, министерот за здравство Фатмир Меџити соопшти дека оваа година два пати веќе се покачуваат платите на здравствените работници. Еднаш во првата половина на годината се покачиле за 2.000, 2.500 и 3.000 денари за три различни групи здравствени работниици.

    „А сега на 9 октомври имаше ново покачување од 10%, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе од две покачувања во годината. Министерството веќе одржа повеќе состаноци со синдикатите каде беше разговарано на оваа тема при што детално има беше образложен пристапот на Владата и Министерството за здравство во однос на покачувањата“, вели Меџити..

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира