Голем дел од угостителите не ги почитуваат протоколите за работа на кафулињата и рестораните. Ретко каде масите се оддалечени 1.5 метар и само со 4 гости. Се организираат прослави, свадби, приватни журки во клубови зад заклучени врати, се работи и после полноќ.
Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат велат дека имаат полни раце работа откако пред месец и половина на угостителите им беше дозволено повторно да работат до 21 часот.
„Ниту преку ден ниту навечер не се почитуваат протоколите. Откако времето затопли, терасите на кафулињата се полни со гости, не само што не се почитува оддалеченост од 1.5 метар, туку се става маса повеќе. Постојано сме на терен, казнуваме за непочитување на протоколи, но за овој прекршок не можеме да го затвориме објектот. Пред два дена во Тетово откривме прослава со 100 жени. Го затворивме објектот, а гостите беа казнети“, вели директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
Во Инспекторатот имале дојави и за организирање на журки во клубови од Скопје, иако тие имаат забрана за работа. Преку Вибер група се праќаат пораки, а потоа журката со стотина гости зад заклучени врати се одвива до утринските часови.
„Не можеме секаде да стасаме, но сите ќе дојдат на ред. Утре е 8 март и претпоставуваме дека кафеаните ќе бидат полни со жени кои ќе го слават празникот. Граѓаните кои ќе забелажат прекршување на протоколите можат да пријават на телефонскиот број 191“, додава Пауновски.
Бројките на новозаразени со ковид-19 во земјава изминативе две недели се во пораст. Вчера беа регистрирани 722 нови случаи, вкупната бројка на активни случаи е 9.186, а во болниците се лекуваат 795 пациенти. Кај 70 отсто од случаите е детектиран британскиот сој на коронавирусот кој се шири полесно.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека ја следат состојбата со зголемените бројки и во текот на наредната недела ќе донесат одлука дали ќе има заострување на мерките.
А. АНТЕВСКА