Граѓаните најголема недоверба имаат во судската власт, покажува извештајот на Народниот правобранител за почитување на човековите права и слободи за 2018. Минатата година, канцеларијата на Народниот правобранител постапила по 4.482 преставки од областа на правосудството, работни односи, работата на казнено-поправните установи, потрошувачките права, заштита на право при полициско овластување, како и од имотно-правна област.
„Бројот на преставки во врска со правосудство е двојно зголемен. Долгото траење на постапките е основен проблем за кој се бара заштита, а голем е бројот на претставки со незадоволство од судските одлуки за кои граѓаните сметаат дека се донесени пристрасно, селективно и под притисок и политичка мотивација. Нема позитивна промена ниту во ефикасноста на Јавното обвинителство, особено што се евидентирани случаи кривичната пријава да биде отфрлена поради застареност, што упатува на пасивно и неефикасно преземање дејствија. Голем број претставки имаме и во постапките пред извршители, каде нотирани се случаи кога за долгови стари со децении на штета на граѓаните се наплатува многукратно повеќе пари“, рече заменик-Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната презентација на извештајот за почитување на човековите права и слободи за 2018.
За околу 60 отсто е зголемен бројот на претставки до Омбудсманот во врска со правата за работен однос. Во оваа област е констатирано дека продолжува праксата на партиски вработувања.
Омбудсманот вели дека состојбите се алармантни во повеќе области во однос на правата на детето.
„Насилството меѓу учениците е во подем, а училиштата не успеваат ефикасно да се справат со оваа појава, при што загрижува тоа што некои училишпта на насилното однесување на децата гледаат како на детска игра… Алармантен е и податокот за голем број абортуси и раѓања од страна на деца, кои најчесто забременуваат во вонбрачна заедница“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Извештајот покажува дека граѓаните сѐ уште долго чекаат за остварување на нивното право за социјална помош, дискриминирани се на работното место, а и понатаму се појавуваат случаи на проблеми со денационализација и процесот на приватизација на дворните места.
„Нема позначителни промени во условите за сместување во затворите, ниту во однос на здравствената заштита, исхраната и хигиенските услови. Зголемување бележи и бројот на претставки од областа на полициските овластувања. Во оваа област продолжува појава на незаконско, непрофесионално и некоректно однесување на одредени полициски службеници, за што поднесовме три барања за утврдување на казнена одговорност“, рече Бајрамовска-Мустафа.
А. АНТЕВСКА