КАЈ ОВЦИТЕ ВО ГОСТИВАРСКО СИМНИЦА НАЈДЕНА КОНГО-КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА

    КАЈ ОВЦИТЕ ВО ГОСТИВАРСКО СИМНИЦА НАЈДЕНА КОНГО-КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКАВо примероците од овците присутни се вирусот и зооназата, кои ги пренесуваат инсекти, крлежи, комарци и глодари и дека од нив може да заболат и животните и луѓето. (Фото: АХВ)

    Конго-кримска хеморагична треска и Кју треска нашла Агенцијата за храна во примероците од овците земени од бачилото во гостиварското село Симница. АХВ денес соопшти дека анализите направени од Факултетот за ветеринарна медицина потврдиле дека во примероците од овците присутни се вирусот и зооназата, кои ги пренесуваат инсекти, крлежи, комарци и глодари и дека од нив може да заболат и животните и луѓето.

    „Се уште не се готови резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри од млекото, сирењето и водата од бачилото. Остануваат на сила мерките кои пред неколку дена ги изрекоа официјалните ветеринари, односно забрана за движење на стадото од бачилото, обврска за задолжително пријавување на евентуално заболени или угинати животни до надлежното ветеринарно друштво, а извршена е и темелна дезинфекција и дератизација во одгледувалиштата“, велат од АХВ.

    Конго-кримската хеморагична треска е вирусна болест, а вирусот го пренесуваат крлежи. Заболените животни не се разболуваат и кај нив нема клиничка манифестација на болеста, а кај луѓето може да се заразат од крлежи, или преку контакт со добиток кој ја носи болеста, при третман на болни животни, колење или јадење на месо или производи од болни животни.

    „Кај луѓето болеста се манифестира со треска, болки во мускулите, главоболка, повраќање, дијареа и крварење на кожата“, објаснуваат од АХВ.

    Кју треска е болест, која се шири преку контакт со млеко, урина и измет од заболените животни, а вирусот во почвата и прашината може да живее подолг временски период.

    „Луѓето може да се заразат преку вдишување на вирусот, или со консумирање на заразено непревриено млеко. Кај луѓето оваа болест предизвикува треска, проблеми со дишењето и со црниот дроб. Сточари, ветеринари, лица кои работат во кланици и во млечна и месна индустрија се изложени на зголемен ризик да заболат од овие болести и тие задолжително треба да преземат дополнителни мерки за заштита. Популацијата која е изложена на ризик се земјоделци, односно сточари, лица кои работат во кланици, или медицински персонал кој доаѓа во контакт со телесните течности на заразените лица или животни“, велат од АХВ.

    Лабораториските испитувања пак направени во Институтот за јавно здравје и во Тирана и Приштина покажаа дека кај двајцата гостиварци од село Симница, кои починаа на Клиниката за инфективни болести е најдено присуство на хантан вирусот, кој предизвикува хеморагична треска. Министерот за здравство Арбен Таравари и денес уверуваше дека ситуацијата е под контрола, бидејќи вирусот од кој се заразија и починаа двајцата гостиварци не се пренесува од човек на човек, односно дека овој вирус го пренесуваат само глодари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира