КАМПАЊИТЕ ПРОТИВ ВАКЦИНИ ЈА СМЕСТИЈА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ВИСОКОРИЗИЧНИТЕ ЗЕМЈИ ЗА СМРТОНОСНИ ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    КАМПАЊИТЕ ПРОТИВ ВАКЦИНИ ЈА СМЕСТИЈА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ВИСОКОРИЗИЧНИТЕ ЗЕМЈИ ЗА СМРТОНОСНИ ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ„Македонија 40 години нема случај на заболен од дифтерија, а пред 31 година беше последниот случај на заболен од детска парализа. Доколку овој тренд на намалување на опфатот на вакцинирани продолжи и понатаму, може да се случи и кај нас да има епидемии на болести кои се одамна искоренети“, рече д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство (архивска фотографија)

    Македонија влезе во групата високоризични земји за појава на заразни заболувања, откако лани е забележан драстичен пад на опфатот со вакцинација од редовниот календар за имунизација. Според информациите од Министерството за здравство лани опфатот на вакцинирани деца е 91 отсто, а за да има колективен имунитет тој треба да биде над 95 отсто.

    „Опфатот на вакцинирани деца против морбили е паднат на 82 отсто, а во некои региони и до 60 отсто“, кажа д-р Јованка Костовска, од секторот за превенција во Министерството за здравство.
    Таа кажа дека Македонија со години имаше висок опфат на вакцинирани деца, но дека последните три години под влијание на антиваксерските кампањи многу родители не ги носат децата на вакцинација, и најголем пад е забележан лани.

    „Македонија 40 години нема случај на заболен од дифтерија, а пред 31 година беше последниот случај на заболен од детска парализа. Доколку овој тренд на намалување на опфатот на вакцинирани продолжи и понатаму, може да се случи и кај нас да има епидемии на болести кои се одамна искоренети“, рече д-р Костовска.

    За да се укине вакцинацијата против одредена болест, објасни Костовска, таа треба да е искоренета на светско ниво, како што е случајот со вариола вера.

    „Во спротивно, поради миграциите и поради тоа што луѓето патуваат во земји каде одредени болести не се искоренети, иако кај нас ги нема, повторно да се појават“, кажа Костовска.

    Министерството годинава по 13 пат ќе се вклучи во одбележување на Европската недела на имунизацијата, која стартува утре на пладне во Градски Парк во Скопје, каде лекари ќе ги промовираат придобивките од вакцинацијата.

    „Превентивни тимови во текот на оваа недела ќе одат на терен и ќе ги бараат невакцинираните деца за да ги имунизираат“, кажа д-р Костовска.

    Недостасуваат 150 милиони денари за воведување нови вакцини. – Проф. Александра Грозданова на Фармацевтскиот факултет, д-р Јованка Костовска, од Министерство за здравство, д-р Лидија Карева од Клиниката за детски болести (Фото: СДК.МК)

    Александра Грозданова, професор на Фармацевтскиот факултет, кажа дека загрижувачки е податокот за пад на опфатот на вакцинација, бидејќи тоа значи дека се намалува колективниот имунитет и можна е појава на болести од кои се умира.

    „Заклучно со денешниот ден од епидемијата со мали сипаници во Србија има 19 мртви. Кај нас состојбата засега не е таква, но ова е доволен аларм да се преземат мерки за да се спречи ескалација на состојбата“, рече Грозданова.

    Венко Филипче, министер за здравство, најави дека согласно предлог мерките од Светската здравствена организација, која Македонија се обврза да ги спроведе, ќе го зајакнат системот на имунизација, ќе воведат нови вакцини, дел од старите вакцини ќе ги заменат со нови. Тој кажа дека покрај кампања за подигање на јавната свест од придобивките на вакцинацијата, ќе вршат обуки и на педијатрите и матичните лекари, бидејќи и дел од нив според информациите со кои располагаат ги одвраќаат родителите да ги вакцинираат децата.

    Според планот на Министерството за здравство од 2019 треба да се воведат две нови вакцини, односно вакцина против ротавирусот, кој предизвикува тешки форми на дијареја, особено кај деца до двегодишна возраст, и против пнеумокок, односно против стрептокока, која предизвикува тешки инфекции на белите дробови и на мозокот. Целуларната вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис (дитепер) со орална форма на вакцина против детска парализа, која се прима на седум годишна возраст се заменува со ацелуларна со ацелуларна вакцина против дифтерија и тетанус заедно со инактивна вакцина против полио. Децата место на седумгодишна возраст, ќе ја примаат на шест годишна возраст. Ревакцината за дифтерија и тетанус со орална форма на вакцината против детска парализа, која се прима на 14 години се заменува со ацелуларна вакцина з дифтерија и тетанус во која е вклучена и инактивна вакцина против детска парализа.

    Од Министерството за здравство велат дека во текот на следниот месец треба да се распишат тендерите за набавка на вакцините и дека за да се реализира воведувањето на новите вакцини буџетот на Програмата за имунизација од 205 милиони денари треба да се зголеми на 350 милиони денари.

    „Врз база на фармако-економски анализи одлучивме да воведеме нови вакцини, бидејќи подобро е да се инвестира во превентива за имунизација, и тоа чини многу помалку отколку во лекување на овие болести кај децата, ако се земе предвид и отсуството на родителите од работа, како и можните компликации по нивното здравје“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира