КАНАДСКИ ВОЕН АВИОН ОДЛЕТА ОД СКОПЈЕ ВО ЖЕШОВ КАДЕ ШТО СЕ ТРАНСПОРТИРА ВОЕНАТА ОПРЕМА ЗА УКРАИНА

    КАНАДСКИ ВОЕН АВИОН ОДЛЕТА ОД СКОПЈЕ ВО ЖЕШОВ КАДЕ ШТО СЕ ТРАНСПОРТИРА ВОЕНАТА ОПРЕМА ЗА УКРАИНАКанадскиот авион беше Локид ЦЦ130Ј Херкулес, еден од најголемите транспортни авиони во светот. По неколкучасовен престој на аеродромот во Жешов, одлета на непозната дестинација. (Фото: Канадско воено воздухопловство/Флајтрадар24)

    Канадски воен транспортен авион вечерва одлета од Скопје во полскиот град Жешов, каде што пристигнува воената помош за Украина. Аеродромот во Жешов се наоѓа на 80 километри од границата со Украина кај Лвив и од почетокот на руската инвазија на Украина таму нон стоп слетуваат воени транспортни авиони со оружје и друга опрема која што потоа по копнен пат им се испорачува на Украинците.

    Канадскиот авион беше Локид ЦЦ130Ј Херкулес, еден од најголемите транспортни авиони во светот. По неколкучасовен престој на аеродромот во Жешов, одлета на непозната дестинација.

    Македонската влада на 28 февруари донесе одлука за донација на воени средства и опрема за официјалните вооружени сили на Украина. Видот на средства кои се донираат се согласно барањата на Украина, соопштија тогаш од Владата.

    Од македонското Министерство за одбрана не даваат детали за овој специфичен лет. Оттаму велат дека како членка на НАТО имаме постојана комуникација со нашите сојузници. Велат и дека Македонија се подготвува за организација на голема вежба во Криволак на средината на мај и такви летови на нашите сојузници од НАТО не се нешто невообичаено.

    На претстојната вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22) ќе учествуваат 4.600 припадници на вооружените сили од осум земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Албанија, Грција, и Црна Гора. За прв пат на Криволак ќе бидат изведени воздухопловни операции кои ќе вклучат 45 воздухоплови, авиони и хеликоптери, и над 700 падобрански скокови.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира