КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ДОЦНАТ ПОРАДИ НЕСПОСОБНАТА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, КАЖА АКАДЕМИК ТАКИ ФИТИ

    КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ДОЦНАТ ПОРАДИ НЕСПОСОБНАТА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, КАЖА АКАДЕМИК ТАКИ ФИТИ„Треба однапред да се предвидат низа работи во проектите кои може да ги пролонгираат или да ги поскапат капиталните инвестиции“, рече академик Таки Фити и претседател на МАНУ.-Вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски и академик Таки Фити на денешната дебата на Економскиот факултет во Скопје (Фото: Министерство за финансии)

    Реализацијата на капиталните инвестиции предвидени во буџетот, според академик Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) постојано е проблем пред сè поради тоа што јавната администрација не е доволно способна за менаџирање вакви проекти. Тој ова го кажа пред почетокот на дебатата за управување со јавните финансии „Реализација на капиталните инвестиции за мултиплицирани економски ефекти“, која денес се одржа на Економскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

    „Капиталните инвестиции мора да бидат приоритет. Едно е да ги планирате, друго е да ги реализирате. Секогаш имало проблем со реализација на капиталните инвестиции. Тоа е така оти излегува дека јавната администрација нема доволно способност за менаџирање на овој тип на инвестиции. Треба добри физибилити студии, треба однапред да се предвидат низа работи во проектите кои може да ги пролонгираат или да ги поскапат капиталните инвестиции. Еден од тие проблеми е загадувањето, како што има проблем сега во оваа ситуација, заштита на пример на археолошки наоѓалишта, а трасата на пример минува низ нив, регулација на имотно-правни односи. Сите владини институции треба да градат капацитет за добро менаџирање на овој процес“, рече Фити.

    Според Фити од 2008 година наваму нема одржлива динамика меѓу поттикот на капиталните инвестиции и одржливоста на јавниот долг.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека потрошувачката на јавните пари треба да биде одговорна и транспарентна.

    Прашањето за јавните финансии е важно оти тоа е управување со парите на даночните обврзници во Македонија со одговорноста на трошењето на парите на граѓаните. Треба да имаме одговорно трошење на парите на граѓаните, што мислам дека оваа Влада тоа го покажа, потоа транспарентно трошење на парите, но исто така треба да одиме и храбро во реализација на капиталните проекти, кои се за добро на граѓаните на Македонија, но и за економијата. Не смееме да се заглавиме во флоскулата дека не смееме да потрошиме ниеден денар, бидејќи нетрошењето на ниеден денар предизвикува застој во економските текови во државата. Треба да се најде добар компромис, меѓу тоа што е добро управување со јавните финансии од една страна, а од друга страна пуштање на финансиските текови во оптек и заживување на економијата во делот на големите инвестиции, инфраструктурата и она што го викаме капитални инвестиции.

    „Многу се важни ефектите од јавното трошење, кога ќе пуштите еден денар јавни пари од даночните обврзници во прометот колку денари тие ќе продуцираат во БДП. Мора да реализираме проекти кои ќе поттикнуваат дополнителна додадена вредност и инвестиции. Не смееме да трошиме пари кои се сами по себе и неефикасни“, кажа Анѓушев.

    Тој рече дека во буџетот на државата за оваа година се предвидени 400 милиони евра за капитални инвестиции, со кои треба да се градат училишта, болници, пречистителни станици. Според него тоа е помалиот дел од капиталните инвестиции, а три пати повеќе средства се предвидени во државните и јавни претпријатија за изградба на патишта, железници, во ЕЛЕМ, МЕПСО и други.

    „Капиталните инвестиции предвидени во буџетот за оваа година слабо се реализираа од повеќе причини, пред сè од неподготвени проекти од неефикасни тендерски постапки, но посветено работевме на нивна реализација и процентите во второто тримесечие од годината ќе бидат многу повисоки. Оптимист сум дека капиталните инвестиции до крајот на годината ќе бидат реализирани над 80 отсто, за овие во буџетот и она што е предвидено ќе биде реализирано“, рече Анѓушев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира