КАТИЦА БАРА ВАНГЕЛОВСКИ ДА ПРОЦЕНИ ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАМРЗНЕ ИМОТОТ НА ВМРО-ДПМНЕ

    КАТИЦА БАРА ВАНГЕЛОВСКИ ДА ПРОЦЕНИ ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАМРЗНЕ ИМОТОТ НА ВМРО-ДПМНЕСЈО поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, во врска со случајот „Талир“. - Специјалната обвинителка Катица Јанева и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство побара од Врховниот суд да оцени дали решението Основниот суд Скопје 1 со кое се одбива барањето на СЈО за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“ е незаконито, соопшти утринава СЈО.

    СЈО поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, откако нивното барање од 22 мај до Основниот суд Скопје 1 за привремено одземање на имот заради обезбедување, односно за определување на привремена мерка – забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека на тој имот поради основано сомневање дека потекнува од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, беше одбиено. По БЗЗ-то на СЈО ќе одлучува петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд, со кој раководи претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

    „Причините за поднесување на Барањето за заштита на законитоста се во фактот што во конкретниот случај се исполнети сите законски претпоставки за обезбедување на имотот кој што потекнува од кривичното дело, а воедно на првостепениот суд му беше приложен и обемен доказен материјал проследен со финансиски анализи, кои го поткрeпуваат барањето за обезбедување на имотот. Со барањето за заштита на законитоста укажано е на неопходноста од толкување на Законот за финансирање на политичките партии во согласност со меѓународните стандарди врз основа на кои овој закон е донесен и на околноста дека рестриктивното толкување на првостепениот суд на споменатиот закон е во спротивност и со заложбите за спречување на корупцијата како неопходен услов за градење на демократско општество и почитување на принципот на владеењето на правото“, соопшти СЈО.

    Во случајот „Талир” се осомничени 14 функционери на ВМРО-ДПМНЕ за перење пари од донации за партијата во износ од 4,9 милиони евра и за злоупотреба на службената положба и овластувањата, за период од 1.01.2009 до 31.12.2015 година. Првоосомничен во случајот е лидерот на партијата Никола Груевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира