КАТИЦА ИМА УШТЕ 100.000 НОВИ СНИМКИ

    КАТИЦА ИМА УШТЕ 100.000 НОВИ СНИМКИОд старите, до денес се преслушани 515.572 аудио фајлови, или 85% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага обвинителството. - Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Во најновиот шестмесечен извештај што попладнево го објави Специјалното јавно обвинителство пишува дека во предистражна постапка запленило нови сто илјади снимки од прислушувани разговори, надвор од тие 606.555 што му ги предаде СДСМ.

    „Ова Јавно обвинителство исто така е во процес на анализирање на повеќе од 100.000 аудио фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број овие аудио фајлови претставуваат предмет на незаконското следење на комуникациите“, се наведува во извештајот за работата на СЈО кој се однесува на периодот од 15. септември 2017 до денеска, 15 март 2018 година.

    Од старите, до денес се преслушани 515.572 аудио фајлови, или 85% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага обвинителството, при што се изработени 1.784 транскрипти со индикација за сторено кривично дело.

    СЈО за овие шест месеци отворило 136 нови предистражни предмети. Од нив 23 предмети биле формирани по сопствена иницијатива, а 113 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители.

    „Вклучувајќи ги претходно отворените 99 активни предистражни постапки во ова Јавно обвинителство во моментот се во работа вкупно 235 предистражни постапки. Од овој број на предистражни постапки решени се вкупно 53 предмети. Во работа се вкупно 182 предмети.

    Овие отворени предистражни постапки, пишува во извештајот, се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и за незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања и финансиски истраги.

    Во овој период СЈО презело предистражните предмети од ОЈО Скопје и од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција за случаите: СКОПЈЕ 2014, АКТОР, предметот за објектот КОСМОС и предметот за ПОПИСОТ на населението во 2011 година. Во текот на петтиот извештаен период, отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 17 лица.

    Јанева по којзнае кој пат и во извештајот кој треба да го презентира пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието, укажува на тоа дека нема законски гаранции со кои би се регулирала положбата на ова Јавно обвинителство и дека сè уште не е регулиран неговиот статус, во однос на продолжување на мандатот за поднесување обвиненија за (пред) истрагите што ги отвора. Укажува на тоа дека надлежните институции со ваквото инертно однесување, овозможуваат неказнивост за сторени кривични дела.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира