КАЗНЕТ ТЕПАЧОТ КОЈ НАПАДНА ЛГБТ ЛИЦЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СКОПЈЕ ЗА СИЛУВАНОТО ДЕВОЈЧЕ ВО КОСОВО

    КАЗНЕТ ТЕПАЧОТ КОЈ НАПАДНА ЛГБТ ЛИЦЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СКОПЈЕ ЗА СИЛУВАНОТО ДЕВОЈЧЕ ВО КОСОВОСлучајот го водеше посебен јавен обвинител во ОЈО Скопје, задолжен да го следи постапувањето во предметите за кривични дела сторени од омраза и дискриминација. (Фото: Фејсбук)

    Обвинетиот Ф. Г. кој претепа учесник на граѓанскиот протест на плоштадот „Скендер-бег“ во Скопје пред две години за силуваното 11-годишно девојче во Косово, доби пресуда од Кривичниот суд Скопје.

    Делото се водеше како кривично дело од омраза, зашто жртвата е припадник на ЛГБТ-заедницата.

    Тепачот Ф.Г. признал вина, добил условна пресуда, но и дополнителен надзор во следните неколку години по правосилност на пресудата. Ако постапи спротивно на она што ќе го бара пробациската канцеларија од него, условната казна ќе се повлече и ќе се замени со затворска.

    „Основниот кривичен суд Скопје го огласи Ф.Г. за виновен и му изрече условна осуда – казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело три години по правосилноста на пресудата. Исто така, определена му е и алтернативна мерка – заштитен надзор во период од две години по правосилноста на пресудата за која е определено да ја врши надлежната пробациска канцеларија на подрачјето на Основниот кривичен суд Скопје и за надзорот да го известува судот. Ако осудениот во наведениот период не ја исполнува обврската за користење на слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон, судот ќе ја отповика условната осуда“, вели ОЈО Скопје.

    Основниот кривичен суд Скопје донел пресуда врз основа на признание на вина против 30-годишен скопјанец за кривично дело – Насилство во квалификаторен облик сторено од омраза, казниво според член 386 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

    „Ф.Г. ја призна вината онака како што беше наведено во поднесеното обвинение, односно се изјасни дека делото го сторил од омраза кон оштетениот заради неговата сексуална ориентација и припадност кон ЛГБТ заедницата. Грубото насилство го извршил на 31.08.2022 година, на плоштадот ‘Скендер-бег’ во Скопје за време на јавен собир на граѓани за солидарност и поддршка во врска со насилство врз 11-годишно девојче од Косово. Додека чекале собирот да почне, Ф.Г. му се приближил на оштетениот, почнал да го навредува, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со клоци и тупаници по главата и телото и нанесувајќи му телесни повреди. Со насилството предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв и кај други лица присутни на местото“, се навраќа Скопското обвинителство на настанот.

    Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје неодамна назначи посебен јавен обвинител задолжен да го следи постапувањето во предметите за кривични дела сторени од омраза и дискриминација.

    Врз основа на заклучоците од средбата одржана на 20.05.2024 година со претставници од невладиниот сектор, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски донесе одлука да номинира еден јавен обвинител од ОЈО Скопје задолжен да го следи постапувањето во предметите за кривични дела од омраза и дискриминација.

    Номинирањето на јавната обвинителка Емилија Мизо-Димков е на првична иницијатива од КВИР Центар Скопје – Здружението за сексуални и родови малцинства во Република Северна Македонија, кое најави дека во следниот период ќе иницира формирање и на мрежа од невладини организации за потесна соработка меѓу граѓанскиот сектор и јавното обвинителство во постапувањето по предметите за кривични дела од омраза и дискриминација, за што е најавена поддршка и од Советот на Европа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира