КАЗНИ ДО 5.000 ЕВРА, НО И ЗАТВОР ЗА ТИЕ ШТО НЕМА ДА ГИ ВРАТАТ СТАРИТЕ ЦЕНИ НА ЛИМОНИТЕ, КОИ СКОКНАА НА 190 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ

    КАЗНИ ДО 5.000 ЕВРА, НО И ЗАТВОР ЗА ТИЕ ШТО НЕМА ДА ГИ ВРАТАТ СТАРИТЕ ЦЕНИ НА ЛИМОНИТЕ, КОИ СКОКНАА НА 190 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМВчера (19.03.2020), увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достигна и до 180 денари по килограм“, забележало Министерството за економија. (Фото: Пекселс/Ана Швец)

    Сите оние маркети кои денеска закачија цени на лимонот од 190 денари за килограм, ќе бидат казнети до 5.000 евра, па и со затворски казни, одлучи денеска Владата.

    „Донесена е одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарини, грејпфрут и клементина, на предлог на Министерството за економија. Според Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, се определува највисока трговска маржа на овие производи за трговски друштва и трговец поединец која се применувала во периодот од 1 јануари 2020 година до 11 март 2020 година кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на Коронавирусот COVID- 19. Според Одлуката, оваа маржа ќе важи до 30 април 2020 година“, соопшти Владата.

    Трговците овие денови ја зголемуваат продажната цена на јужното овошје, каде што цената на лимонот драстично се зголеми и достигна и до 190 денари по килограм.

    „Според податоците добиени од Царинската управа на Северна Македонија за период од 11.03.2020 година до 19.03.2020 година, увозната цена на портокалите се движи од 15 денари за килограм до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 денари по килограм до 45 денари по килограм. На ден 19.03.2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достигна и до 180 денари по килограм“, забележало Министерството за економија.

    Одлуката ќе стапи на сила откако ќе биде објавена во Службен весник.

    Од Владата апелираат до сите граѓани кои во трговските објекти ќе увидат енормно зголемување на овие производи да пријават во Државниот пазарен инспекторат.

    Казните за оние кои ќе ги прекршат Одлуките на Владата се движат до 5.000 евра, па и казна затвор согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, вели Владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира