Ќе остане зимското сметање на времето како и досега, односно в недела стрелките на часовникот ќе се вратат за еден час. Владата на денешната седница одлучи да не се продолжи и в зима со летно сметање на времето, туку во последната недела во октомври да стартува зимското сметање како што се практикуваше и досега.
Оваа одлука е донесена врз основа на проценката на Министерство за економија направена во соработка со Министерствата за финансии, за внатрешни работи, за образование и наука и за труд и социјална политика, со Агенцијата за електронски комуникации, Бирото за метрологија, Стопанската комора, Управата за хидрометеоролошки работи, Стопанската комора на северозападна Македонија и Економскиот факултет во Скопје.
„Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија“, се вели во соопштението на Владата.