Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека во 15.30 часот ќе оди кај претседателот Стево Пендаровски да му објасни зошто му го дал мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. На денешната прес-конференција пред седиштето на партијата, Мицкоски апелираше до Пендаровски да го прими него и уште еден пратеник.
„Ќе се упатиме од овде, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ кон канцеларијата на претседателот, да видиме врз основа на кои докaзи Заев го убедил да го добие мандатот. Апелирам Пендаровски да нè прими мене и уште еден пратеник и да разговараме за доказите врз основа на кои пратеникот Заев го убедил дека поседува мнозинство во парламентот каде ќе се гласа новата Влада“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го обвини Пендаровски дека го прекршил Уставот со тоа што му го дал мандатот на Заев.
„Денеска бевме сведоци на очигледно кршење на Уставот, а од денес активен учесник во тоа е и Пендаровски. Тој без никаков доказ денеска му го даде мандатот на Заев без да има доказ за тоа“, изјави Мицкоски.