ЌЕ ПРОГЛАСИМЕ МОРАТОРИУМ ДОДЕКА УГОСТИТЕЛСКИTE ОБЈЕКТИ ГИ ОТСТРАНАТ НЕПРАВИЛНОСТИТЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ЌЕ ПРОГЛАСИМЕ МОРАТОРИУМ ДОДЕКА УГОСТИТЕЛСКИTE ОБЈЕКТИ ГИ ОТСТРАНАТ НЕПРАВИЛНОСТИТЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИОд досегашните проверки кај дури 70-80 проценти од угостителските објекти се констатирани неправилности; Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани со 59 жртви. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ќе биде воведен мораториум за угостителските објекти да ги отстранат неправилностите при вршење на дејноста. Тој кажа дека од досегашните контроли регистрирани се неправилности во работата кај голем број објекти и затоа Владата подготвува акционен план. Владината активност следи по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца. 

    Ќе продолжат контролите и во наредниот период. Јас можам да кажам дека воочени се огромни неправилности. Кога зборувам за огромни неправилности зборувам за 70-80 отсто од објектите, не зборувам за исклучоци туку за пракса која функционирала, но повеќе нема да функционира. Разработуваме акционен план, за одреден период да се прогласи мораториум и да се остранат сите тие неправилност за оние кои сакаат да продолжат да функционираат со дејноста што ја вршат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Радовиш, без да прецизира за каков мораториум станува збор.

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска најави дека е почната антикорупциска проверка на закони, со цел да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над нив. Се проверуваат Законот за угостителска дејност, Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локалната самоуправа и други материјални закони.

    Антикорупциската проверка на законите како процес подразбира целосна и систематска проценка на правните прописи за да се идентификуваат можности за злоупотреба, конфликт на интереси, нејаснотии и празнини во законите кои би можеле да поттикнат коруптивни практики. Воедно, ќе се направи комплетна анализа и проценка на формата и содржината на прописите (закони, подзаконски акти и други општи акти) кои се во подготовка или кои се веќе изготвени од аспект на нивното практично спроведување, усогласеност и нивното подобрување со цел детектирање, спречување и минимизирање на ризиците во однос на можноста за корупција и судири на интереси кои може да резултираат при спроведување на законите. Како основни резултати од антикорупциската проверка очекуваме зајакнување на превентивниот пристап и наместо да се реагира на коруптивните практики пост-фактум, да имаме проактивност со што ќе се овозможи законите да бидат ослободени од коруптивни ризици. Преку постапката ќе се направи и проценка на ризиците и ќе се анализираат специфични одредби кои може да создадат услови за фаворизирање, дискреционо одлучување или недостаток на транспарентност“, вели од Антикорупциската комисија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира