ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА ЛИЦА СО АЛЕРГИИ, АВТОИМУНИ И МАЛИГНИ БОЛЕСТИ ВО ОВОЈ ВЕК, ВЕЛИ Д-Р ЦВЕЈОСКА-ЧОЛАКОВСКА

    ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА ЛИЦА СО АЛЕРГИИ, АВТОИМУНИ И МАЛИГНИ БОЛЕСТИ ВО ОВОЈ ВЕК, ВЕЛИ Д-Р ЦВЕЈОСКА-ЧОЛАКОВСКАПоради поленот и климатските промени, лицата со алергиски болести низ целата година имаат проблеми. (Фото: К. Попов)

    Во втората половина на овој век секое второ дете ќе има алергија, вели доц. д-р Валентина Цвејоска-Чолаковска, директорка на Клиниката за детски болести, за зголемувањето на алергиските болести.

    Д-р Цвејоска-Чолаковска, која е пулмолог-алерголог, вели дека трендот на алергиски болести е во пораст во светски рамки и има повеќе причини за тоа, но глобалното затоплување и аерозагадувањето се во основата на овој тренд. Во светот има 360 милиони лица со астма.

    „На Клиниката секојдневно се примаат деца со симптоми на алергиски болести, кои се третираат и амбулантски и болнички. Доминираат алергиски ринитис, ринокоњуктивитис, но и ларингитис и бронхоопструкции. Секојдневно на Клиниката се прават неопходните испитувањa за алергија од крв, како и кожниот алерголошки тест на храна и инхалативни алергени“, рече докторката на брифингот по повод тримесечното раководење на Клиниката.

    Таа вели дека полен има со векови, но пораст на алергии како во изминатите децении не е виден досега. Порано се знаеше, вели таа, дрвјата цутат во мај и јуни, а сега и во април и август, што значи дека лицата со алергиски болести низ целата година имаат проблеми.

    „Со загадувањето и климатските промени, едноставно опаѓа и нашиот имунолошки систем. Во овој век ќе расте бројот на лица со алергиски заболувања и автоиумни и малигни заболувања. Тоа се должи на падот на имунитетот, поради тоа што јадеме, пиеме и дишеме“, потенцира д-р Цвејоска-Чолаковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира