ЌЕ СЕ ПРЕИСПИТУВА ДОГОВОРОТ ЗА НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ОД 72 МИЛИОНИ ЕВРА ПОТПИШАН ОД ТОДОРОВ КАКО ТЕХНИЧКИ МИНИСТЕР

    ЌЕ СЕ ПРЕИСПИТУВА ДОГОВОРОТ ЗА НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ОД 72 МИЛИОНИ ЕВРА ПОТПИШАН ОД ТОДОРОВ КАКО ТЕХНИЧКИ МИНИСТЕРДолгогодишниот министер за здравство Никола Тодоров на потпишувањето на договорот за нов Клинички центар на 19 мај. (Фото: МИА)

    Ќе се преиспитува проектот за новиот Клинички центар, соопштија вечерва од Владата, откако на денешната седница биле констатирани повеќе проблематични делови во врска со постапката, локацијата и други прашања поврзани со проектот. По разгледувањето на информацијата од Министерството за здравство, Владата донела одлука премиерот Зоран Заев, министерот Арбен Таравари и вицепремиерот Бујар Османи да одржат состанок со претставници на Европската централна банка за да се изнајде соодветно и трајно решение за новиот Кличнички центар.

    Договорот за изградба на нов клинички центар во Скопје, во вредност од 72 милиони евра го потпиша Никола Тодоров на 19 мај, кој тогаш беше технички министер за здравство и пратеник во Собранието. Договор беше потпишан три дена откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев да состави нова Влада. Според договорот, Клинички ќе го градат домашните градежни компании Гранит и Бетон и италијанската компанија Инсо Системи. Новиот клинички центар е предвидено да се наоѓа на местото на поранешна Гинекологија.

    На денешната владина седница беа направени и неколку кадровски промени. Владата соопшти дека Александар Ѓорѓиев е разрешен од должноста портпарол на Владата. За нов директор на ЈП Службен весник беше именуван Мартин Костовски на местото на разрешениот в.д. директор Лука Кржалоски.
    За вршител на должноста директор на Агенцијата за млади и спорт беше именуван Дарко Каевски, а разрешен беше досегашниот в.д. директор Марјан Спасески.

    Нов директор на Државниот архив на Република Македонија е Кирил Петров, кој доаѓа на местото на разрешениот Филип Петровски. Нов директор на Државниот завод за статистика е Апостол Симовски и нов Директор на Агенцијата за администрација е Спасе Глигоров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира