Кирил Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој со измените на Кривичниот законик се спаси од обвинението во „Талир 2“ заедно со првообвинетиот Никола Груевски, сега како сведок го одолговлекува крајот на судењето за незаконското финансирање на изградбата на Белата палата – седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Судењето е при крај и има шанси да се спаси од застарување, но сведокот Божиновски како на минатото, така и на денешното судско рочиште не се појави, под образложение дека сменил адреса на живеење. Нашите закони велат дека сведок нема обврска да го извести судот за промена на адреса.
Денеска обвинителката Ленче Ристоска апелираше пред судијката Даниела Алексовска-Стојановска која ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции ја навредуваше и ја нарекуваше „судијка за неправда“, дека треба уште само Кирил да биде сослушан и да се оди на завршни зборови и на пресуда.
Во спротивно, ако не се најде Кирил Божиновски кој често доаѓа во судот за другиот предмет „Талир 1“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ, се заканува опасност судењето да почне одново.
„На 27 април се прават 90 дена како не се одржало рочиште. Ризикуваме одново да почне, а сме дојдени до завршни зборови и пресуда”, апелираше обвинителката Ленче Ристоска.
Новото рочиште е закажано за 14 април и не е познато дали ќе се појави Божиновски за кого не беше побарано присилно приведување оти имал право да менува адреси, а да не известува за тоа.
Законски се блокираше ова судење и денеска. Сето ова го дозволува Законот за кривична постапка.
Во првиот наврат, Груевски беше осуден на 6 години затвор, а Божиновски на условна казна затвор.
Но, вишиот обвинител Јове Цветановски, кого вчера Советот на јавни обвинители го ослободи од дисциплинска одговорност, од Скопска апелација побара да се укине пресудата и предметот да се врати на повторено судење.
Во ова сложено обвинение за корупција, повеќе години е замрзнато седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во таканаречената Бела палата, како и 30-тина партиски штабови, нелегално купени со пари од ДГ Бетон на Минчо Јорданов, според обвинението.
Уште 39 штабови низ Македонија што ги има купено партијата во време на Никола Груевски на незаконит начин се замрзнати во друг предмет „Талир 1“, со перење пари преку уплатници на име на членството, без нивно знаење.
Од исходот на судењето за Белата палата ќе се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја задржи десеткатницата, луксузните предмети, мебел и опрема во неа, како и штабовите, или државата ќе ги конфискува.
Според обвинението, главното кривично дело во овој сложен предмет е што Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ преку партијата остварил профит од над два милиона евра, испумпувајќи пари од бизнисменот Минчо Јорданов, чија градежна компанија тогаш добиваше тендери за Скопје 2014 година и други од државата.
Со Законот за политички партии забрането е партиите да остваруваат профит. Може да стопанисуваат само во рамки на пазарна вредност на стоките и услугите, тоа што е над таа вредност треба да враќаат во Буџетот. Но, според обвинението, претседателот Груевски не само што не го вратил профитот во Буџетот на државата, туку со парите од партнерот ДГ Бетон, кој остварувал приходи од тендерите на државата под власт на Груевски, склучил договор да им ја изгради 10-катната зграда – седиште на ВМРО-ДПМНЕ, потоа да им даде пари за уште 30 штабови низ Македонија, да им ги купи лустерите, скапите паркети, мебелот и опремата во партиското седиште.
Според обвинението, ДГ Бетон тогаш и не ни смеел да склучува договор со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во тој момент 80 отсто од приходите што ги остварувала компанијата, биле од тендери добиени од државата.
Груевски и Божиновски беа обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и овластувањата со тоа што спротивно на Законот за политички партии, прифатиле изградба на објект кој бил многу поскап од вредноста на земјиштето кое го поседувала партијата и воедно примиле дополнителни два милиона евра од Бетон. По амнестирачките измени на Кривичниот законик во 2023 година, Божиновски се спаси од гонење и сега е сведок, а Судот не може никако да го донесе на судење.
Партијата за време на своето владеење, уште во 2009 година го купува државното замјиште во срцето на Центар (Мал Ринг) за 110 евра метар квадратен. Потоа во 2012-2013 година партијата склучува договор за соинвеститорство со ДГ Бетон за изградба на хотел и седиште на партијата. Во меѓувреме неколку пати се менува ДУП-от, па површината на објектот е енормно зголемена и предвидена е 100% изграденост на земјиштето.
При градбата, Бетон наводно греши и на партијата ѝ изградува помалку од тоа што е договорено. Бетон вели – разликата ќе ви ја платиме. Два милиона евра отштета за згрешеното, компанијата ѝ исплаќа на владејачката партија, која на Бетон ѝ враќа со најголемиот број на тендерите во државата, повеќето поврзани со градежните активности за проектот „Скопје 2014“. Бетон тие два милиона на партијата на Груевски ги исплаќа на рати. Како што ги дава парите, така Груевски и Божиновски купуваат имот за штабовите. Исплатите според обвинителството се вршат на 15 пати, по различни износи од по 150.000 евра, па по 200 илјади евра…и така легнуваат до два милиона евра на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.
На одбраната ѝ треба да докаже дека трошокот што „Бетон“ го имал за изградба на штабот и двата милиона евра кои ги уплатил на ВМРО ДПМЕ, се всушност пазарна вредност на плацот, а не се донација. Но, обвинителството смета дека метар квадратен во 2012/2013 година според проценките на вештакот што го ангажирала обвинителката Ленче Ристоска таму чини во просек 1.000 евра, никако 7.000 евра и дека сумите се извадени од ракав.
Иако договорот за соинвеститорство предвидел изградба на партиски штаб и хотел, хотел до денеска нема, има само зграда што ја користи ВМРО-ДПМНЕ. Сепак овој дел е исклучива сопственост на партијата и Бетон нема ништо функционално во овој дел од зградата, тврди обвинителството.
Судењето е презакажано за 14 април.
С. К. ДЕЛЕВСКА



