Клиниката за детски болести доби пет специјални колички за деца со попреченост, кои се дел од вкупната донација од 48 вакви помагала што ги донираше амбасадата на Израел на Министерството за здравство. Дел од количките ќе бидат распределени на Клиниката за детска хирургија, дел во клиничките болници во Битола, Прилеп и Штип, во Заводот за рехабилитација – Скопје и во други здравствени установи.
„Една од овие колички ќе ја добие детенце со церебрална парализа и со епилепсија. Детето е дел од едно големо семејство од 12 членови, од скопското село Брест. Оваа донација оди на вистинско мести и во вистинско време“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Тој кажа дека за Министерството за здравство е предизвик да ги отстрани сите видови бариери за лицата со попреченост.
„Предизвик е да создадеме развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, подигнување на капацитетот на сите институции и поголема вклученост на овие лица во општеството“, рече министерот Филипче.
Д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести кажа дека оваа донација е многу важна, бидејќи ја олеснуваат мобилноста и движењето на децата кои не се во можност да одат сами во болнички услови.
„Задоволство ми е што дониравме специјални колички за децата. Веруваме дека ќе им го олесниме секојдневието“, рече Амбасадорот на Израел Дан Ориан.
Е. БОЧВАРОСКА