Универзитетската клиника за уво, нос и грло ја пушти во употреба новата опрема за хируршки интервенции и за анестезија. Опремата се состои од столб за ендоскопска хирургија на нос и параназални синуси, ултразвучен нож, ултразвучна увулопалатопластика и нови апарати за анестезија.
„Станува збор за дел во хирургијата на синуси, која зема се поголем замав и ја има во сите развиени земјји во светот. Се подобри и анестезиолошката служба во смисла на дека имаат посебен тип на апарат кој ја мери длабочината на анестезијата и посебен сет за интубација при поставување на тубус во дишните патишта. Овие апарати се посебно битни за оваа струка со оглед на тоа што има специфични туморски проблеми на устата, на грлото, што оваа Клиника со оваа нова опрема ќе ја донесе на ново ниво. Со години наназад на Клиниката работи врвен експертски тим, кој што има огромни искуство“, рече Филипче.
Директорот на Клиниката за уво, нос и грло Јане Нетков кажа дека опремата е набавена за 130.000 евра од буџетот на Клиниката и дека по 15 години се обновуваат апаратите со кои работат.
„Клиниката е единствен центар во државата што изведува фибероптички интубации, а сега со набавување на нова опрема се почнуваат видеоларингоскопски интубации. Беа организирани неколку работилници за колегите специјалисти, специјализанти и општи лекари да бидат обучени. Околу 30 луѓе минаа низ обуката. Со новата опрема се овозможува и третман на пациенти кои имаат проблем со рчењето, односно опструктивна ноќна апнеа, која е релативно честа посебно над 50 година од животот“, рече Нетков.
На Клиниката годишно се изведуваат околу 2.000 операции а времето на чекање за оперативен зафат е меѓу две недели и два до три месеци во зависност од патологијата, како и од зафатеноста на хирурзите.
„Ултразвучниот нож веќе го користиме и за вадење на крајници, но со набавката на нов нож на истиот апарат отпочнато е со оперативни операции со опструктивна ноќна апнеа. Не сите пациенти може да се оперираат, оти зависи од повеќе фактори, како што е дебелината на пациентот, состојбата на вратот, состојбата на носната преграда, коренот на јазикот. Кај пациенти со слаба и умерена ноќна апнеа оваа оперативна ултразвучна хирургија се покажа како многу успешна.
Единствено кај пациентите со потешка форма и на ноќна апнеа овие оперативни зафати не ги даваат задоволителните резултати и тие користат посебни апарати во доменот на пулмологија, алергологија и кардиологија“, рече Нетков.
Министерот Филипче најави дека за следната година приоритет ќе биде набавка на системот за навигација за оваа Клиника, за да се подигне нивото на услугата која тука се дава.
„Тоа е систем со кој што прецизно се води инструментот со кој се работи, односно системот за ендоскопија низ просторот на параназалните синуси. Се повеќе замав зема таа метода насекаде низ светот. На Клиниката веќе се изведуваат повеќе функционални методи, но значајно е дека ќе се зголеми квалитетот на самата услуга со овој апарат за навигација“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА