Германската канцеларка Ангела Меркел во писмото до премиерот Зоран Заев од 5 октомври ветува натамошна поддршка за имплементација на Преспанскиот договор и вели дека сега е задача на Парламентот да го спроведе договорот до крај.
„На 30 септември огромно мнозинство од над 90 отсто од оние кои учествуваа на референдумот гласаа ‘за’ договорот со Грција. Спогодбата нуди шанса за историски договор и зајакнување на добрососедските односи. Притоа, се отстранува од патот и една важна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега е клучно да се преземат многу важни чекори за имплементација на договорот за името, со тоа што Парламентот ќе одлучи за неопходните уставни измени. Ќе продолжам да соработувам со вас за остварување на оваа цел“, вели Меркел во писмото до Заев, објавено на веб-страницата на германската Влада.
Меркел на 8 Септември годинава ја посети Македонија и рече дека македонските граѓани имаат историска шанса, дека влез во НАТО и ЕУ е возможен само ако успее референдумот и оти тоа не е закана, туку природна состојба, бидејќи сите членки на двете организации мораат да гласаат за прием на нов член.
Тоа беше прва официјална посета на германски канцелар на Македонија, по кусата на Герхард Шредер во 1999.