Не е земен ниту оштетен материјал од државен и јавен интерес во вчерашната кражба во Архивот на Град Скопје, кој се наоѓа на улица Московска, ни изјави директорот на Државниот архив на Македонија, Димитар Богески. Кражбата ја извржиле тројца тинејџери на возраст од 17 до 19 години. Архивот во Скопје е одделение на Државниот архив, кое работи на улицата Московска бр. 1 во Скопје.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека „на 06.01.2026 во 04:45 часот на крстосницата од булеварот Партизански одреди со улицата Московска во Скопје, полициски службеници ги лишија од слобода Е. Д. (18), Х. Е. (19) и 17-годишник, сите од Скопје. По претходно добиени сознанија, било сопрено патничко возило ‘опел тигра’ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е. Д. и по извршен преглед на возилото, биле пронајдени и одземени книги, сопственост на Државен архив на РСМ. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“.
Богески ни изјави дека крадците скршиле стакло кај еден од влезовите и ваделе стари книги кои се дупликати на изданија и кои вработените таму ги складираат. Потоа низ решетката од дворот, бидејќи колата не можела да влезе во дворот, ги изнесувале до возилото. Чуварот пријавил, се јавил во полициска станица, по што крадците се уапсени, а книгите се вратени.
„Не влегле, ниту можат да влезат во депото. Направен е записник на украдените книги, утре ќе имам подетални информации. Важно е дека не станува збор за книги од јавен и државен интерес, тоа се дупликати на изданија печатени пред повеќе години“, изјави директорот за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Територијалната надлежност на Одделението Скопје на архивот ги опфаќа Скопје и неговата околина: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Арачиново, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден, Сопиште, Сарај и Чучер-Сандево.
Одделението располага со 675 фондови и 10 збирки. Меѓу позначајните фондови се: „Градско поглаварство на Општината на град Скопје“ (1918-1941 година); „Народноослободителни и народни одбори на град Скопје“ (1944-1953), фондовите за просветните, културните и научните институции, за периодот 1919-1980 година, фондовите за трговските производствени претпријатија, за периодот од 1919-1990 година, фондовите на Православната црква (1919-1946), кои се однесуваат на парохиите, црквите и манастирите и фондовите на Исламската верска заедница – вакавски управи, поверенства и имамати.
Многу значајна е Збирката од над 30.000 фотографии за Скопје и неговата околина, создадена во периодот 1928-1983 година.
Б. НЕСТОРОСКА



