Дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде ноќеска во пожар загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, работела со фалсификувана лиценца, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.
„Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.
Тошковски рече дека не може да даде повеќе детали во врска со лиценцата и како оваа дискотека работела, бидејќи станува збор за рана фаза од постапката на прибирање докази.
„Сакам да порачам за разлика од порано, сега одговорните имаат име и презиме и тие нелегално дале лиценци и ќе одговараат“, додате Тошковски.
Во дискотеката имало 500 посетители, а биле продадени 250 карти. Имало и малолетни лица, од нив 20 се повредени, а три се починати.
Во пожарот кој утрово околу 2 часот изби во кочанската дискотека за време на концертот на групата ДНК, повредени се 155 луѓе кои се хоспитализирани се во различни здравствени установи низ државата, а 27 се во критична состојба, а 13 се транспортирани во Солун. Загинатите 59 се од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип.
А. АНТЕВСКА