Технички забелешки околу изготвувањето на Нацрт-планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот Регион се кажаа на правата јавна расправа која ја организираа Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство.
Расправата ја отворија министрите Насер Нуредини, Хусни Исмаили и Едмонд Адеми, кој е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, по што тие ја напуштија салата во Клубот на пратеници, поради како што рекоа службени обврски, а планот го презентираа Ана Петровска од МЖСПП и Зоран Павлов од Комисијата за управување со културното и природното наследство за Охридскиот Регион.
Искра Стојановска од еколошкото здружение „Фронт 21/42“ реагираше околу тоа според кој закон е правен Нацрт-планот, со оглед на тоа, како што рече таа, дека Законот за Охридското Езеро и Законот за Охридскиот Регион се повлечени и стопирани, па дискусијата кај присутните се рашири околу тоа дали е законски планот или не и дали бадијала се седи на јавната расправа. На тоа реагираше пратеничката Надица Корубин и кажа дека планот е изготвен според постоечкиот Закон за Охридското Езеро, а Стојановска побара да ѝ се одговори електронски за која законска регулатива се работи.
„Прво, мора да се направи ревитализација на вредностите. Државата доби втора шанса и срамота е да не се искористи шансата да се спаси Охридскиот Регион. Да се престане со таа фарса за мораториум и да се почне со работа“, кажа Стојановска.
На дебатата присуствуваше и инвеститор од Охрид, кој се пожали дека подигнал кредит за градење на објекти, но поради мораториумот плаќа камати и му стојат неизградени зградите.
„Сѐ е стопирано поради УНЕСКО. Ние што да правиме? УНЕСКО стана како некој вид на страшило“, рече инвеститорот.
Директорот на Управата Ацо Костов, побара од Петровска и Павлов да ѝ објаснат на пошироката јавност зошто Нацрт-планот неколку пати е враќан од УНЕСКО, и на што се однесуваат нивните забелешки. На тоа Петровска и Павлов не одговорија конкретно, туку кажаа дека досега имале многу мала заинтересираност од надлежните институции и општините за соработка, туку дека единствено соработувала Општината Дебарца.
„Тоа беше порано, но сега имаме голем интерес од сите институции, од граѓаните и од невладиниот сектор, и сме отворени за сугестии и предлози“, рече Петровска.
Министерот Адеми кажа дека се очекува планот да биде готов до крајот на годината.
Јавните расправи ќе продолжат утре во Охрид во 12 часот, и во Струга во 15:30 часот.
Б. НЕСТОРОСКА