Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите денеска за опасниот инцидент со членовите на неговото обезбедување на Скопскиот аеродром кога косовската претседателка Вјоса Османи не сакаше да помине контрола, рече дека тој не го бира личното обезбедување, туку МВР.
Гаши рече дека кој прекршил закон, треба да одговара, а на новинарско прашање дали смее Османи или кој било друг претседател на странска држава да одбива да ги почитува законите и безбедносните процедури на аеродром, Гаши одговори:
„Сите треба да ги почитуваме законите, како домашните, така и меѓународните, и со ова сметам дека ви дадов одговор на прашањето”.
Гаши дополни дека претседател на Собранието, а и Собранието, немаат свое обезбедување.
„МВР определува, тие луѓе се полицајци кои треба да ги знаат законите”, рече тој.
Но, кога кажа дека е горд што тој ден успеал да спречи инцидент, ги збуни новинарите – криво е МВР, или сепак тој им наредил на членовите на обезбедувањето да отидат на аеродром и да вадат пиштоли на тамошните полицајци и на вработените од ТАВ.
Тогаш Гаши рече дека тоа била негова претходница, бидејќи лично сакал да отиде на аеродром, да ја смири ситуацијата, со што внесе уште поголема забуна.
„Јас кога одам негде, го известувам МВР. Мојата намера беше да одам таму за да ја смирам ситуацијата. Тие отидоа како претходница. Јас не стасав, беше веќе смирена ситуацијата”, рече спикерот.
„Ве молам, другпат за секое прекршување обратете се до МВР. Секој што прекршил треба да одговара”, неколку пати повтори тој.
Гаши кажа зошто сакал лично да отиде на аеродромот.
„Мајка со треперлив глас ми се јавува, деца во позадина плачат. Морално не сум одговорен, морално сум чист што се обидов да спречам инцидент”, кажа тој.
Со докрај несреден впечаток за вмешаноста на претседателот на Собранието Африм Гаши во тешкиот инцидент на скопскиот аеродром, на 3 септември ќе стартува седницата за негова интерпелација.
Една од точките е за повреда на секуларизмот во Собранието.
„Ако со гест од 10 секунди кој не е ни обред, бил повреден секуларизмот, тогаш тие што го тврдат тоа не ни знаат ни што е секуларизам”, кажа тој за молитвата за Сребреница во собраниската сала „Борис Трајковски”, кога се молеше и тој.
Тој настан не беше пленарна седница, тоа беше настан организиран од невладина организација, напомена Гаши.
С. К. ДЕЛЕВСКА