КОЛЕГИТЕ ОД УБК КОИ МАРКИРАА БРОЕВИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ДОАЃАА СО ЛИВЧИЊА, НИКОГАШ НЕ СУМ ВИДЕЛ ДА ДОНЕСАТ ОФИЦИЈАЛЕН ДОКУМЕНТ, СВЕДОЧИ СВИРКАЧОТ ЛАЗАРЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    КОЛЕГИТЕ ОД УБК КОИ МАРКИРАА БРОЕВИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ДОАЃАА СО ЛИВЧИЊА, НИКОГАШ НЕ СУМ ВИДЕЛ ДА ДОНЕСАТ ОФИЦИЈАЛЕН ДОКУМЕНТ, СВЕДОЧИ СВИРКАЧОТ ЛАЗАРЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Свиркачот Ѓорѓи Лазаревски, кој ги извади податоците за прислушувањето од УБК, кажа дека било лесно да се вадат податоци, но форматот на тие податоци е неразбирлив. - Лазаревски пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Со логовите од прислушувањето кои што ги чувал Ѓорѓи Лазаревски, сведок на денешниот судски процес за предмет на СЈО „Тврдина-Таргет“, тој рече дека се обидувал со нив да предупреди дека секој политичар може да биде прислушуван.

    „Останаа во мојата архива сè до крајот на 2010 година кога почнав да работам со Зоран Верушевски. Иницијалите Г.Г., Н.Н. и називот ’директор‘ можев да претпоставам дека се на корисниците Горан Грујевски, Надица Николиќ и Сашо Мијалков. Заклучив дека концентрацијата на нелегални таргети за прислушување беше исклучиво кај нив“, сведочеше во вториот дел од денешното судење Лазаревски во овој случај на СЈО, кај што се обвинети Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и шестмина од УБК.

    На прашање што правеа тогаш сведоците Сашо Трајковски и Ѕвонко Костовски, Лазаревски рече дека Ѕвонко му бил инструктор на Небојша Стајковиќ и бил водечки инженер, кој го имплементирал новиот систем за прислушување „Најс“.

    „Го прашав Ѕвонко дали е волен да собира докази и да ги смести на сигурно место без да ми ги дава мене. Мое мислење беше дека нешто мора да се стори. За аферата „Големо уво‘ во 2001 година не сторив ништо и тоа остана на мојата совест“, рече Лазаревски и одговори дека до новиот систем „Најс“, исто така од Израел, немал никаков пристап.

    Но, знаел дека на новиот систем администратори биле Небојша Стајковиќ, Ѕвонко Костовски и Сашо Трајковски, а Марјан Јанкуловски и Влатко Георгиевски биле маркирачи на телефонски броеви, односно на таргети за прислушување.

    „Делевме канцеларија со Марјан и Влатко и многу често на среде седење ќе им заѕвонеше телефон, па велеа имам работа горе во системот. Често велеа дека ги вика горе началникот или Надица Николиќ или Александра Велиновска, која беше началник за спроведување на наредбите за следење од јавна безбедност. Беа дискретни, не збореа ништо за својата работа“, сведочеше Лазаревски.

    На прашање на специјалниот обвинител Трајче Пеливанов дали овие лица маркираат по судски наредби, Лазаревски одговори: „Додека јас бев во канцеларија никогаш не сум ги видел да донесат некој официјален документ што личи на наредба или тефтер. Претежно доаѓаа со ливчиња со маркери“.

    Лазаревски рече дека Костовски му објаснил оти нелегалниот број на таргети далеку го надминува легалниот и дури и да се сака, не може тој материјал да се изнесе. Потоа појасни дека е лесно да се вадат податоци, но форматот на тие податоци е неразбирлив: „Може да се читаат ако се користи специјална станица за експортирани материјали, како кога вообичаено се користи за судски предмети“.

    Продолжува сведочењето на Лазаревски на судењето за масовното незаконско прислушување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира