КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА НАЈАВИ ДИГИТАЛНА КАРТИЧКА НА ПРОСЛАВАТА НА 30 ГОДИНИ ОД ПРВАТА МАСТЕРКАРД КАРТИЧКА ВО МАКЕДОНИЈА

    КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА НАЈАВИ ДИГИТАЛНА КАРТИЧКА НА ПРОСЛАВАТА НА 30 ГОДИНИ ОД ПРВАТА МАСТЕРКАРД КАРТИЧКА ВО МАКЕДОНИЈАКомерцијална банка во моментов е најголем прифаќач на картички со пазарно учество од над 33 отсто во физичкиот и над 44 отсто во виртуелниот свет. (Фото: Комерцијална банка)

    Комерцијална банка подготвува воведување дигитална картичка која ќе им овозможи на граѓаните брз и постојан пристап до нивните средства при плаќања во дигиталниот простор. Главниот директор за продажба и развој во банката, Никола Џамбазовски, вели дека овој нов производ ќе постои веднаш и ќе биде подготвен за користење од првиот момент по неговото создавање.

    Комерцијална банка и Мастеркард со јубилеен настан денеска одбележаа три децении од воведувањето на првата меѓународна платежна картичка во Македонија. Како предводник во воведувањето иновативни решенија, банката пред 30 години ги постави темелите за трансформација на начинот на плаќање и навиките на македонските граѓани.

    Џамбазовски вели дека лидерството во овој сегмент се должи на секојдневното искуство на клиентите при управувањето со своите финансии.

    За динамичниот развој на платниот систем говореше директорот на Дирекцијата за банкарски картички, Киро Чадиковски, кој направи споредба дека на почетокот на неговата кариера се реализирале околу илјада трансакции месечно, додека денес таа бројка се достигнува за само неколку минути.

    Банката моментно е најголем прифаќач на картички со пазарно учество од над 33 отсто во физичкиот и над 44 отсто во виртуелниот свет.
    Генералниот директор на Мастеркард за Југоисточна Европа, Бартош Чиолковски, истакна дека Комерцијална банка е вистински двигател на промените кој со голема брзина ги доближува глобалните трендови до потребите на македонските потрошувачи и бизниси.

    Податоците од анализата на Mastercard Economic Institute покажаа дека користењето картички во Македонија бележи постојан раст, од 130 илјади во 2005 година до една картичка по жител денес. Регионалната директорка Вања Манова вели дека куповната моќ на домаќинствата од 2003 година досега е зголемена за 83 отсто, а потрошувачите сè повеќе се насочуваат кон искуства, забава и патувања наместо кон материјални добра.

    Трендовите покажуваат дека Македонија е меѓу земјите со највисока потрошувачка во ресторани, а граѓаните приоритет му даваат на уживањето и комфорот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира