КОМИСИЈА ОД ТРОЈЦА СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ ГИ ПРОВЕРУВА НАВОДИТЕ НА КАРДИОХИРУРГОТ КЕДЕВ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО, КАЖА АЛИУ

    КОМИСИЈА ОД ТРОЈЦА СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ ГИ ПРОВЕРУВА НАВОДИТЕ НА КАРДИОХИРУРГОТ КЕДЕВ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО, КАЖА АЛИУ„Потребен е итен вонреден надзор бидејќи мора да имаме податоци да видиме дали тие индиции се точни и ако се точни, што понатаму“, рече денеска Алиу. (Фото: К. Попов)

    Ќе се формира комисија со експерти од три различни земји, но не од соседството, за да се направат контроли во приватните здравствени институции, но исто така, ќе се продолжи и во јавните здравствени институции што се занимаваат со истата проблематика, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу.

    Прес-конференцијата на Алиу следи по изјавата на кардиохирургот д-р Сашко Кедев во интервју за Канал 77, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции. Тој не спомна по име ниедна болница. По изјавата, приватната болница „Аџибадем Систина“ побара од него да прецизира за која установа се однесуваат овие тврдења, предупредувајќи дека ако тоа не го стори, ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот.

    Кедев вчера објави дека добил најава за тужба од  „Аџибадем Систина“, и кажа дека дека тоа ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.

    „Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави Кедев.

    Алиу денес кажа дека веднаш по изјавата на професорот Кедев, била креирана интерна комисија во Министерството за здравство, сè со цел да ги анализираат сите можни протоколи и индиции што произлегле од таа изјава.

    „И заклучивме како Министерство за здравство да направиме комисија за стручен надзор што ќе се состои од експерти од странство. Кога велиме експерти од странство, сакав таа комисија да биде навистина независна и тој извештај од таа независна комисија да ни е патоказ за понатаму, ако има такви индиции – се потврдуваат истите, да може да се отстранат. Потребен е итен вонреден надзор бидејќи мора да имаме податоци да видиме дали тие индиции се точни и ако се точни, што понатаму. За да нема никаков сомнеж, нула сомнеж, ќе бараме експерти од земји како што се Словенија и другите европски земји. Тоа ќе биде комисија од тројца експерти. Не сакаме од една земја да ги имаме експертите, сакаме од три различни земји“, кажа Алиу.

    Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора задолжително да ги отворат базите со информации, за таа цел Комисија во Министерството работи на отстранување на евентуални законски пречки.

    „Веќе работи комисија кај нас, ако има законски пречки да се отстранат веднаш, наредната недела и ќе пуштиме писмо до сите приватни здравствени институции од 15. наредниот месец да мора задолжително да ги отворат базите за да може ние да ги агрегираме сите постоечки информации што се таму во нивните институции. Ова е право на државата. Бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува кон здравствениот систем во државата и кон Фондот и затоа, ние мора да бидеме во тек со здравствената патека на секој граѓанин на нашата република“, рече Алиу.

    На новинарско прашање дали би се соочиле со некакви реперкусии приватните установи ако се потврдат информациите на д-р Кедев, министерот рече дека кога ќе биде готов извештајот на експертите, „тој ќе биде добар патоказ за што понатаму, дали ќе треба да се измени некој закон, дали ќе треба да се направи некој друг стандард, некој друг протокол за здравствената патека“.

    „Сега, засега, не би можел да одговорам. Но, можам да ве уверам дека тој извештај ќе биде јавен и од тој извештај ќе произлезат активности поврзани со тоа. Единствена дилема на правната служба беше, како може да се платат и дали може да се платат тие експерти, бидејќи сме во предизборен период. Ако не е возможно од Министерството за здравство, ние ќе бараме помош и веќе тоа како опција го почнавме, со надворешни институции со кои соработуваме. Како и да е, оваа процедура ќе мора да оди по брза постапка“, додаде Алиу.

    Според министерот,  имаат база на информации од 2019 до 2025 за сите кардиолошки интервенции што се направени и во приватните и во јавните здравствени институции. Кажа дека петте институции што се занимаваат со оваа област се Јавните здравствени установи (ЈЗУ) Специјална болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, Универзитетската клиника за кардиологија и Приватните здравствени установи (ПЗУ) „Аџибадем Систина“ и  „Жан Митрев“ – Скопје.

    Оваа година, досега во Охрид биле извршени 493 кардиолошки интервенции, 105 во Државна кардиохиругија, 1.488 во Кардиологија, 531 во „Систина“, и 939 во „Жан Митрев“.

    Министерот на новинарско прашање потврди и дека ќе има средба со д-р Кедев.

    „Д-р Кедев е дел од нашата институција, така што ќе имаме средба. Приоритет во овој период ни беше да се анализираат тие индиции, дали има нешто досега што е нотирано во Министерството за здравство. Можам да ве информирам дека од анализите направени од внатрешната комисија во Министерството, немаме такви индиции досега архивирани или податоци што се јасно читливи“, одговори министерот.

    Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)  соопштија дека ги следат сите прашања поврзани со квалитетот, безбедноста и законитоста на здравствените услуги што им се обезбедуваат на осигурениците.

    „Во рамки на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи, со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод.Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, додека по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства.Сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство“, велат од Фондот за здравство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира