КОМИТИТЕ СЕ УЧАТ ВО УЧЕБНИЦИТЕ, А УЧК ВОЈСКАТА НЕ Ѝ ЗНАЧИ НИШТО НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА ЗА ПРИРЕДБИТЕ СО ДЕЦА ЗА ДЕНОТ НА АЛБАНСКОТО ЗНАМЕ

    КОМИТИТЕ СЕ УЧАТ ВО УЧЕБНИЦИТЕ, А УЧК ВОЈСКАТА НЕ Ѝ ЗНАЧИ НИШТО НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА ЗА ПРИРЕДБИТЕ СО ДЕЦА ЗА ДЕНОТ НА АЛБАНСКОТО ЗНАМЕЈаневска на 30 ноември најави постапка против раководството и наставниците во Основното училиште „7 Март“ во Челопек за организирање на училишна приредба на која ученици се облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации. (Фото: Фејсбук)

    Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека добиле пријави со слики и докази дека деца носеле симболи на УЧК на приредби за 28 ноември, Денот на албанското знаме, во училишта во Челопек, во Чаир, две во Тетово и едно во Струга и дека за сите на терен ќе излезе Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

    Јаневска на 30 ноември најави постапка против раководството и наставниците во Основното училиште „7 Март“ во Челопек за организирање на училишна приредба на која ученици се облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации. Таа преку Фејсбук објава реагираше дека е „Длабоко разочарана и вознемирена од одлуката на раководството и наставниците во ОУ ‘7 Март’ во Челопек да организираат, но и од одобрувањето на родителите на учениците, нивните деца да учествуваат во училишна приредба на која облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации од минатото, парадираат со пушки во рацете. Патем, родителите и ракоплескаа на сето тоа“.

    На денешниот настан во Штип, Јаневска кажа дека очекува да се вратат инспекторите на терен и да ги подготват записниците.

    На новинарско прашање да даде коментар на реакцијата на ДУИ, дека и во скопската општина Аеродром била организирана приредба со комити, Јаневска рече: „ Комитите се дел од историјата на државата Македонија. Комитите ги учат во наставните програми. Комити биле и Македонци, и Албанци и Турци и други етникуми. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател. Ние тие луѓе треба да ги чествуваме. Тие луѓе кои се бореле за слобода и за сопствена држава и за просперитет на сопствената држава. Дополнително, направен е силен прекршок, воспитувачката која ја организирала приредбата е отпуштена од работа и сѐ уште е на суд“.

    Министерката рече дека УЧК војската и амблемите на УЧК за оваа држава не значат ништо.

    „Во оваа држава, војната, конфликтот, кој како сака да го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, и да ги образуваме децата на она што јас го кажувам, ние малите деца ги учиме на воинственост, на држење на оружје, на некакви позиции за стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја.

    Ова е наша заедничка земја на сите граѓани кои живеат на оваа територија која се вика Македонија. Во оваа наша заедничка земја ние треба заеднички да ја градиме. Сите треба заеднички да чуваме одговорност кон неа, и љубов, и да имаме идеи за нејзин просперитет за да го подобриме животот на граѓаните. Младите се иднината на секоја земја. Кога ги образуваме децата, ние треба да ги образуваме на базичните човекови вредности, на недискриминација, на соживот, на разбирање, на емпатија. Најмалку што треба да има во училиштата е политика. Децата деца треба да растат во духот, на патритоизмот, на традицијата, во почитувањето на вредностите“, рече министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира