По девет парламентарни состави во самостојна Македонија, денеска во Собранието треба да се конституира десеттиот. Конститутивната седница како пртеседавач ќе ја води досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој вчера објави дека е пуштен од Инфективната клиника и се чувствува добро.
Поради високите здравствено-безбедносни мерки, седницата ќе се одржи во големата сала под куполата, зашто во неа може да се овозможи пропишаната дистанца од пратеник до пратеник, поради опасноста од зараза со коронавирус.
По конституирањето на Собранието, Уставот предвидува шефот на државата Стево Пендаровски во рок од 10 дена да го додели мандатот за формирање влада. Ставот кој веќе го кажа неговиот кабинет е дека тој нема веднаш да го даде мандатот на тој што освоил најголем број пратеници, во случајов Зоран Заев и СДСМ, туку првин ќе се консултира со партиите. „Оној кој ќе обезбеди парламентарно мнозинство за формирање нова влада, нему претседателот ќе му го даде мандатот“, велат од Kабинетот.
Мандатарот има рок од 20 дена да формира влада и ако не успее во тоа, тогаш мандатот го добива партијата која е втора по ред по бројот на мандати на изборите, што во случајов е ВМРО-ДПМНЕ.
Заев најави дека од денеска почнува со интензивните преговори за формирање парламентарно мнозинство и влада, наспроти тврдењето во некои политички кругови дека таа работа е веќе е готова, т.е. договорено со ДУИ, партијата со најголем број освоени пратеници меѓу Албанците. Истото го најави и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ чека поволната понуда, условувањето од лидерот Али Ахмети за премиер Албанец, полека губи од цврстината.
С. К. ДЕЛЕВСКА