Не е точно дека поради инцпекциски надзор доцнела испораката на инсулин во инсулинските аптеки, тврди Агенцијата за лекови и медицински помагала.
Роберт Бекироски, новиот директор на Агенцијата за лекови, во соопштение до јавноста вели дека минатата недела спровеле редовни контроли на новопристигнатите инсулини во просториите на увозниците, кои имаат склучено договор со Министерството за здравство.
„Беа инспектирани специфичните услови на транспорт, чување и дистрибуција. Овие инспекциски мерки се употребуваат без оглед дали се работи за лекови од паралелен увоз, или за лекови со редовна набавка. Земени се примероци од инсулините за анализа и испратени се во акредитирана лабораторија за определување на содржината на активната супстанца. По добиените резултати од анализите дадено е решение за пуштање во промет на испитуваните серии лекови“, вели Бекироски.
Тој тврди дека овој надзор е направен во најкус можен рок и дека тоа не е причина што доцнела доставата на инсулин во инсулинските аптеки.
Болните од дијабетес пред неколку дена на социјалните мрежи реагираа дека нема инсулин во аптеките, особено во Битола и Охрид, и дека на почетокот на месецот лекот е доставен само во Скопје. Министерството за здравство им се извини на дијабетичарите за доцнењето и кажа дека рабвоти на итно решавање на проблемот.
Здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ денес ја повика Агенцијата за лекови да каже од каде и како се набавува инсулинот во Македонија и да гарантира дали тој е безбеден за пациентите, бидејќи според анализата на Асоцијацијата Фармабренд Нова скоро 40 отсто од лековите што во Македонија влагаат со паралелен увоз се фалсификати и со лош квалитет. Во земјава има околу 180.000 болни од дијабетес, од кои 40.000 се зависни од инсулин, а 450 се деца.
„Апелираме до увозниците навреме да ги обезбедуваат потребните количини инсулин. Агенцијата за лекови ќе продолжи максимално професионално да ги извршува своите законски надлежности, а заедно со Министерството за здравство и со експертката јавност работиме на измени и подобрување на законската регулатива за паралелен увоз на лекови“, вели директорот на Агенцијата за лекови Бекироски.