ТАРАВАРИ ИМ СЕ ИЗВИНУВА НА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ ОТИ НЕМА ИНСУЛИН, ТИЕ СЕ СНАОЃААТ ПРЕКУ ФЕЈСБУК

    ТАРАВАРИ ИМ СЕ ИЗВИНУВА НА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ ОТИ НЕМА ИНСУЛИН, ТИЕ СЕ СНАОЃААТ ПРЕКУ ФЕЈСБУКОд Министерството за здравство им се извинуваат на граѓаните за доцнењето и велат дека работат на итно решавање на проблемот. - Министерот за здравство Арбен Таравари. (Фото:СДК.МК)

    Болните од дијабетес на социјалните мрежи бараат инсулин, оти за октомври лекот не е доставен во инсулинските аптеки, а од Министерството за здравство велат дека интензивно работат итно да го решат проблемот.

    „Им се извинуваме на граѓаните за доцнењето“, велат од Министерството за здравство.

    Како и изминативе три до четири години, дијабетичарите меѓу себе си помагаат токму преку фејсбук, односно тој што има вишок пенкало го дели со оние кои воопшто немаат терапија. Најмногу се жалат дијабетичарите од Битола и Охрид, кои тврдат дека инсулин деновиве бил доставен само во инсулинските аптеки во Скопје. Кажуваат дека во инсулинските аптеки вработените им рекле да не се мачат да доаѓаат, туку да се јават на телефон за да се информираат дали стигнал лекот.

    Цвете Серафимовски, од здружението за детски дијабетес „Баланс МК“, вели дека инсулин фали во повеќе градови, и дека не му е јасно зошто нема. Тој објаснува дека на почетокот на месецот интервенирал во Министерството за здравство, од каде му било кажано дека инсулин веднаш ќе се достави во Скопје, кое е најкритично, а во останатите места како што ќе стига лекот така ќе го доставуваат.

    „Нема инсулин во Битола, Охрид и другите поголеми градови. Наша претпоставка дека е проблем со добавувачите, кои согласно последниот тендер и договорот за набавка на инсулин, немаат обврска континуирано да доставуваат инсулин. Тоа значи дека ако овој месец нема, немаат никаква обврска да го достават, оти такво нешто не е ставено во договорот. Исто така немаат обврска да гарантираат за тоа дали е запазен ладниот ланец за достава на лекот“, вели Серафимовски.

    Тој објаснува дека последните пет месеци доставата на инсулин одела редовно, а дека сега повторно се враќаат на старата состојба кога постојано фали некој од инсулините.
    „Последните три до четири години постојано едни со други си помагаме преку социјалните мрежи. Тој што има дели со тој што нема. Кој како му е работното место или можноста носи до различни градови, или праќаме по карго. Само јас имам испратено 50 кутии инсулин по карго во различни делови од земјата. Не се тоа само мои лекови, туку што сме собирале од сите што имаат за да им помогнеме на тие што моментално немаат, оти болните од дијабетес не смее да останат без инсулин. Ова е вака откако се формираше националната комисија за дијабетес и откако најниската цена стана главен услов за набавка“, вели Серафимовски.

    Тој рече дека ќе бараат Министерството за здравство во следната набавка од добавувачите да бараат да се обврзат дека континуирано ќе ги снабдуваат аптеките со инсулин и да гарантираат дека ќе го задржат ладниот ланец за транспорт.

    Според податоците од здруженијата на дијабетичари во земјава има околу 180.000 лица со дијабетес, од кои 40.000 се на инсулинска терапија. Околу 3.000 од пациентите се со дијабет тип 1, односно дијабетес кој исклучиво се третира со инсулин. Од нив 400 се деца.

    Министерот за здравство Арбен Таравари во моментов е во кампања за локалните избори, оти се кандидираше за градоначалник на Гостивар. Тој минатиот месец пред почетокот на изборната кампања, кажа дека до завршување на изборите нема да даде оставка од функцијата министер, бидејќи кабинетот беспрекорно функционира.

    „Кабинетот функционира беспрекорно. Има заменик министер, има државен секретар, кабинетот има проекти кои течат беспрекорно. Сега засега нема да дадам оставка, сметаме дека вака ќе функционираме и вака ќе продолжиме, има одредени проекти, кои мора да течат. Да се растури сега тимот не би било коректно, мислам дека функционира добро. А по изборите, кога ќе ја преземам градоначалничката функција, ќе најдеме еден адекватен човек, за тимот да продолжи со работа“, рече Таравари минатиот месец.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира