КОНЦЕПТИТЕ ШТО ГИ ПОНУДИВМЕ ДЕЛУВАА ПРИФАТЛИВО ЗА ВЛАДАТА, КАЖА МИЦКОСКИ ПО СРЕДБАТА СО КОВАЧЕВСКИ ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

    КОНЦЕПТИТЕ ШТО ГИ ПОНУДИВМЕ ДЕЛУВАА ПРИФАТЛИВО ЗА ВЛАДАТА, КАЖА МИЦКОСКИ ПО СРЕДБАТА СО КОВАЧЕВСКИ ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗАМицкоски кажа и дека предлагаат измени на Законот за енергетика, за мигрирање на јавните претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, како и сите објекти од образованието и од здравствениот систем. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека постои сценарио Македонија да нема потреба да увезува струја и да се обезбеди поевтина струја за стопанството од берзанската, по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

    Мицкоски по средбата рече дека помошта и концептите што ги понудиле за справување со енергетската криза делувале прифатливо за премиерот и надлежните министри со кои седел денеска на маса. Но, рече Мицкоски, ако Владата не го реализира сценариото, ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне на граѓаните и на стопанството да ја поминат зимата.

    Сценариото за кое што зборува Мицкоски е да бидат активни сите три блока во РЕК Битола, еден во ТЕЦ Осломеј, две турбини во ТЕЦ Неготино, добра кондиција на хидропотенцијалот, зајакнати со капацитетот на Те-То Скопје.

    „Ако се обезбедат овие ресурси, тогаш Македонија ќе нема потреба од увоз на електрична енергија. Под претпоставка првичното сценарио Владата да успее да го задржи оперативно. Ако тоа не се случи, ценам дека несериозен е пристапот на Владата и на ресорните и надлежните луѓе и во тој момент ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија и покрај помошта што ја нуди и покрај сите понудените концепти за кои што морам да бидам искрен до крај, делуваа прифатливо за луѓето со кои денеска бевме на иста маса, ќе го осуди тој чекор и ќе стори сè што е во нејзина моќ да им пoмогне на граѓаните и стопанството да ја поминат оваа есен и оваа зима, кои што се прилично тешко и захтевни“, изјави Мицкоски по средбата во Владата.

    Тој кажа и дека предлагаат измени на Законот за енергетика, за мигрирање на јавните претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, како и сите објекти од образованието и од здравствениот систем, со цел, како што кажа, парите да останат кај граѓаните и стопанството, место да одат кај трговците со струја од увоз.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира