Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров поднесе оставка од функцијата. Тој денеска на својот фејсбук профил напиша дека се повлекува и од партискиот ангажман од СДСМ.
„Голема благодарност до сите наши партнери, корисници, интернационални организации и членовите на Националниот стартап совет за безрезервната поддршка овие 14 месеци. Најголема благодарност до моите колеги од ФИТР за рекордните успеси во 2021 година. Со оставката што денес ја доставив до Централниот одбор на СДСМ, после две и пол години, и официјално го завршувам ова мое политичко патување. Бескрајно сум благодарен за научените лекции. Време е за нови предизвици“, напиша Петров на фејсбук.
Коста Петров беше назначен за директор на Фондот за иновации лани во ноември. Од август 2019 стана дел од партиското раководство на СДСМ, односно беше избран за еден од шесте потпретседатели на партијата. На ова партиска функција беше до мај годинава, кога на Конгрес на партијата беше избрани четири потпретседатели на СДСМ и тоа Венко Филипче, Фатмир Битиќи, Мила Царовска и Оливер Спасовски.