Во Спогодбата на Обвинителството за организиран криминал со Ѕвонко Костовски, направени се процесни повреди на одредбите кои се применуваат при спогодувањето за вина, рече обвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното јавно обвинителство, по денешната седница на Врховниот суд. Костовски е единствениот осуден за прислушувањето, за кое што во тогашниот случај „Пуч“, обвинети покрај него беа и премиерот Зоран Заев, разузнавачот Зоран Верушевски и неговата сопруга, вработениот во Општина Струмица Бранко Палифров, безимени странски служби, жолти комбиња итн.
СЈО смета дека повредите на законот се направени од страна на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поради што во октомври лани поднесе барање до највисокиот суд да ја преиспита таа спогодба со Ѕвонко Костовски. Случајот „Пуч“ веќе не постои, бидејќи обвинението го повлече специјалната обвинителка Катица Јанева, а обвиненија за нелегалното прислушување на десетици граѓани СЈО поднесе против Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои се во бегство.
„Спогодбата е на штета на осудениот Костовски, бидејќи тој е прогласен за виновен, односно осуден за помагач за кривично дело шпионажа. Во овој случај не било утврдено кривично дело шпионажа, ниту била утврдена конкретна одговорност на непосредниот сторител на кривичното дело шпионажа, бидејќи битието на тоа дело се состои во прибавување на тајни податоци и документи, со намера да бидат предадени на странска држава, организација. Во пресудата ниту е наведено која е таа странска држава, ни која организација, ни лица“, објасни Фетаи како во пресудата со спогодбата има осуден помагач на кривично дело, а нема сторител, ниту докажано дело.
Спогодбата била разгледувана пред петчлениот кривичен совет на Врховниот суд на чело со претседателот Јово Вангеловски. Не е познато кога овој совет ќе ја донесе одлуката за тоа дали спогодбата е законска или не. Таа е потпишана од обвинителот за организиран криминал Златко Биковски. Ако Врховниот суд одлучи дека е незаконска, ќе следува одговорност кај обвинителот.
СЈО бара поништување на спогодбата со осудениот Костовски, бидејќи, како што рече обвинителката од СЈО Ленче Ристоска, пресудата врз база на таа спогодба е донесена без никакви докази. Костовски не е во затвор, никој не знае каде е. Откако Катица Јанева го повлече обвинението за „Пуч“ ги отвори новите случаи „Таргет“ и „Тврдина“ со докази за тоа кој прислушувал незаконски, земени директно од УБК и од телефонските оператори во Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА