Димитар Ковачевски си даде оставка од претседателската функција во СДСМ. Како што соопшти партијата, на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата претседател што го најави на 8 мај, и согласно Статутот на партијата иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати.
Во пресрет на седницата на Извршниот одбор на партијата, Ковачевски соопшти дека се повлекува поради катастрофалниот резултат на претседателските и парламентарни избори, побара свикување Конгрес и организирање внатрепартиски избори. Одговорноста за резултатите и поразот ја лоцираше кај сите функционери од партијата и го повика комплетното раководство на партијата да даде оставки.
„И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа. Барам да се свика Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати. Како високо морален чин се повлекувам од функцијата претседател на СДСМ. Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, се до општинските органи на раководење на партијата“, објави Ковачевски.
По 7 години власт, СДСМ на парламентарните избори на 8 мај го доживеа најтешкиот пораз во историјата и се најде во позиција да биде третопласирана партија, зад ДУИ, според бројот на пратеници, вкупно 18 и 153.250 гласови.Освоените 153 илјади гласови се убедливо најслаб резултат за СДСМ на 11 парламентарни избори досега од независноста, неспоредливо со најдобриот резултат на партијата, остварен на 15 септември 2002 година, кога СДСМ победи со 497.342 гласови, што е и најдобар резултат на која било партија воопшто.