КОВАЧЕВСКИ ГИ НАПАДНА УРЕДУВАЧКИТЕ ПОЛИТИКИ НА ТЕЛМА И АЛФА ОТКАКО АХМЕТИ ГИ НАРЕЧЕ НЕПРИЈАТЕЛИ НА АЛБАНЦИТЕ

    КОВАЧЕВСКИ ГИ НАПАДНА УРЕДУВАЧКИТЕ ПОЛИТИКИ НА ТЕЛМА И АЛФА ОТКАКО АХМЕТИ ГИ НАРЕЧЕ НЕПРИЈАТЕЛИ НА АЛБАНЦИТЕПремиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција за реализацијата на капиталните инвестиции. (Фото: Влада)

    Премиерот Димитар Ковачевски ја нарече уредувачката политика на телевизијата Телма политика на компанија која тргува со енергенси, а таа на телевизијата Алфа уредувачка политика на партиски сектор за комуникација. Иако директно не ги спомена двете телевизии, премиерот одговараше на новинарско прашање за изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој вчера ги спомена двете телевизии како непријатели на Албанците.

    „Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Јас имам свое лично мислење. Во државата има медиум чија уредувачка политика која повеќе наликува на политиката на една компанија која тргува со енергенси, а има и медиум чија уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

    Од ДУИ пак денеска велат дека Ахмети не зборувал за непријателски медиуми, туку за „ туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“.

    По овие изјави на Ковачевски и Ахмети, од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека праксата на непримерна комуникација за работата на медиумите продолжува и од премиерот.

    „Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес. Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети. Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст“, велат од ЗНМ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира