Крајно време е Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и да ја интензивира сопствената и регионалната европеизација преку отворањето на поглавјата низ преговорите, констатираа заедно премиерите Зоран Заев и Себастијан Курц на Самитот за Западен Балкан во Виена, според владиното соопштение од билатералната средба.
Премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, денеска имаше средба со домаќинот на самитот, австрискиот канцелар Курц.
„Премиерот Заев упати благодарност за огромната поддршка на Австрија за Северна Македонија и за европската иднина на целиот регион и го охрабри канцеларот Курц да продолжи со извонредниот и посебен ангажман со што ги мотивира граѓаните на земјите кандидатки да останат фокусирани на европските цели и во исто време ги поттикнува и потсетува земјите членки да ги исполнат своите ветувања кон земјите од Западен Балкан“, се вели во соопштението.
Двајцата изразиле задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Северна Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите обновливи извори на енергија, инфраструктура и здравство.