Првпат по три недели, процентот на позитивни од тестирани за КОВИД-19 вчера беше двоцифрен, односно 15,2 отсто. Од 145 тестирани, 22 беа позитивни и ако се направи пресметка со просек за три дена за да се отстранат евентуални аномалии, процентот повторно е двоцифрен – 10,4%.
Посакуваната бројка од здравствените власти е под 5%. Како што синоќа изјави заменик-министерот за здравство Арменд Аслани за ТВ Телма, за избори ќе може да се зборува кога 14 дена процентот на позитивни од тестирани би бил под 5 проценти.
Вкупно досега во земјава, тестирани се вкупно 19.241 материјали и детектирани се 1.664 позитивни лица во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на коронавирус.
Според исходот од заболувањето, 373 лица (22,4%) се активни случаи, 1.200 случаи (72,1%) се водат како оздравени, испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување. Од случаите кои се водат како оздравени, 218 (18,2%) биле хоспитализирани додека останатите 982 (81,8%) биле на домашно лекување. Починати се 91 лице.
М. ИЛИОСКИ