Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот директор на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” и кривично дело “Проневера во службата”.
Пријавениот С.Р. во својство на в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ со намера да ги исцрпи сите предвидени финансиски средства од склучениот Договор за интелектуални услуги со правниот субјект „Веда“ ДООЕЛ Скопје, во текот на 2024 година, два дена пред истекот на важноста на договорот, како и ден пред неговото завршување, во име и за сметка на претпријатието склучил пет договори со физички лица, во вкупен износ од 3.608.708 денари (58.000 евра).
Како што велат од Финансова полиција С.Р. склучил два фиктивни договори со висока нереална вредност од 25.000 евра за интелектуални услуги – давање на совети, имплементирање на нови техники за заштита на животната средина. Договорите биле склучени со лица кои биле негови лични познаници и за кои бил свесен дека немаат никаква експертиза во областа на заштита на животната средина и покрај тоа што бил свесен дека услугите не се извршени, нема да бидат извршени, ниту постои објективна можност истите да бидат извршени во времетраење на договорот со авторската агенција.
„Склучил три договори со физички лица во вредност од по 686.236 денари за сметководствени услуги и изготвување на годишна сметка во вкупна вредност од 2.058.708 денари (33.000) иако бил свесен дека едно од лицата немало никаква експертиза во вршење на сметководствени услуги и не е регистрирано како овластен сметководител во Регистарот на овластени сметководители. По престанокот на важноста на договорот за интелектуални услуги со правното лице „Веда‘ ДООЕЛ Скопје, односно откако пријавениот бил одвратен од намерата да го доврши кривичното дело “Проневера во службата” и да ги исплати средствата, поради навремено откривање на делото од страна на Управата за финансиска полиција, пријавениот спровел нова постапка и склучил нов договор со правниот субјект ‘Еси солушн‘ ДООЕЛ Скопје за интелектуални услуги, за да преку истиот склучил договор со трето лице и ангажирал возило (камион) за собирање на смет, потпишал платни налози и исплатил 604.461 денари спрема авторската агенција“, велат од Финансовата полиција.



