КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДВАЈЦА БИТОЛСКИ ГИНЕКОЛОЗИ ОТИ ЕДНИОТ СИ ЈА ВНЕЛ СОПРУГАТА ДА ИЗВРШИ ЦАРСКИ РЕЗ ВРЗ РОДИЛКА

    КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДВАЈЦА БИТОЛСКИ ГИНЕКОЛОЗИ ОТИ ЕДНИОТ СИ ЈА ВНЕЛ СОПРУГАТА ДА ИЗВРШИ ЦАРСКИ РЕЗ ВРЗ РОДИЛКАДокторите гинеколози во Клиничката болница во Битола ги пречекориле своите посебни овластувања во вршење на должноста. (Фото: СДК.МК)

    Двајца лекари гинеколози се дадени на Дисциплинска комисија во  Клиничката болница во Битола и добија кривични пријави зашто дозволиле сопругата на помладиот од нив, која е невработен гинеколог, да изврши породување со царски рез во Болницата. Таа отишла на дежурство и била внесена во родилната сала, каде иако имало двајца гинеколози, породувањето ѝ го препуштиле на неа. Семејството не го пријавило случајот, но други вработени од Гинекологија повикале полиција.

    Едниот е долгогодишниот гинеколог Г. Ч. (60), поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во Владата на Зоран Заев. Другиот суспендиран гинеколог е М. В. (33) од Битола.

    Директорката на Битолската болница д-р Билјана Гагачовска за САКАМДАЖАМ.МК го потврди случајот, и ни рече дека на 15 јануари до неа како директор пристигнала пријава дека неовластено лице, невработено во болницата присуствувало на операција во операциона сала на Гинеколошко-акушерското одделние во Клиничката болница Битола.

    „Веднаш по добивање на пријавата уште истиот ден, согласно законските процедури за постапување по пријава, започната е процедура која ги вклучува сите присутни на наведениот ден кои биле во салата. Согласно законските можности отпочната е процедура за упатување на Дисциплинска комисија поради вршење на дисциплински престап. За двајца од вработените, како одговорни оператори во сала и дежурни донесено е решение за времено отстранување од работа, поради започната дисциплинска постапка со цел непопречување на процесот на постапката на Дисциплинската комисија. Дисциплинската процедура е во тек. Согласно Законот за здравствена заштита, по завршување на дисциплинската постапката и добивање на предлог за изрекување на казна ќе бидат изречени соодветни мерки на казна кон вработените“, ни изјави директорката.

    Битолската полиција денеска соопшти дека до ОЈО Битола е поднесена  кривична пријава против: М. В. (33) од Битола, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“по чл. 353 од КЗ на РСМ и „Фалсификување службена исправа“ по чл. 361 ст.1 и 2, Г. Ч. (60) од Битола поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување по чл. 353 од КЗ на РСМ, А. В. (33) од Белград, Србија, сопруга на првопријавениот, заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Надрилекарство“ по чл. 209 и кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ по чл. 206 од КЗ на РСМ.

    „Првопријавениот и второпријавениот како доктори гинеколози во ЈЗУ Клиничка болница – Битола пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста ѝ овозможиле на третопријавената на 1 јануари без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош- изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола – операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство врз родилка. По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“, соопшти СВР Битола.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира