Од денеска осудениот бивш шеф на Царината Драган Даравелски е слободен човек, откако поради настапување на апсолутна застареност на пресудата изречена во 2008 година, Основниот кривичен суд Скопје ја укина. Со решението на судот, се запира и постапката за кривично гонење против Даравелски, засекогаш.
Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година. Tој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Сега нема да мора да ги врати ни парите.
Даравелски баран со потерница 20-ина години, се појави на граница во јануари, кога беше уапсен. Но, веќе се знаеше дека кривичното дело му е застарено.
Место да ја отслужува затворската казна веднаш, тој го искористи правото и на 10 јануари преку својот бранител, побара повторување на постапката. Судовите му поверуваа дека никогаш не ја примил пресудата од Македонија, додека се криел во Србија.
Кривичниот и Апелациониот суд Скопје му поверуваа, иако тој беше апсен во Србија и седеше во екстрадиционен притвор, кога и бил информиран зошто е таму: Дека Македонија го бара да лежи во затвор, по правосилна пресуда против него.
Кривичниот совет дозволи повторување на постапката, а истото решение беше потврдено од Апелациониот суд, беше формиран предмет со К.бр. 414/23 кој согласно АКМИС системот бил распределен на натамошно постапување. Претседателот на судечкиот совет, надвор од главен претрес, констатирал дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење, на дело сторено во период од 2001 до 2002 година.
Постапувајќи според законските одредби за застарување на кривичните дела, судот утврдил дека во случајот на Даравелски апсолутната застареност настапила уште на 01.12.2022 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА