Австрискиот канцелар Себастијан Курц го поздрави компромисот со Грција за спорот за името и ги повика граѓаните масовно да излезат на референдумот на 30 септември и да гласаат „за“ да се трасира патот за влез во НАТО и ЕУ.
„Австрија е број еден инвеститор во Македонија. Европската унија ќе биде комплетна кога целиот Западен Балкан ќе се интегрира. Би сакал што повеќе граѓани да излезат на референдумот и да гласаат ‘за’. Одлуката e ваша. Тоа е избор за секој граѓанин, но како пријател на Македонија мислам дека е добро ако има голема излезност“, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата.
Премиерот Зоран Заев рече дека дека поддршката од Австрија за влез на Македонија во НАТО е од огромно значење и дека Македонија ќе биде позитивен пример за мир и стабилност во регионот.
„Поттик за нас е што Австрија ја препозна Македонија како надеж за Европа. Ова го прифаќаме како обврска. Вашата посета е силна порака во пресрет на референдумот и јас верувам дека мнозинството граѓани ќе го дадат својот глас за иднина. Македонија се врати на европскиот пат, покажавме храброст и сакам да изразам голема благодарност кон Австрија, таа е најзначаен економски партнер“, рече премиерот Заев.
Австрискиот канцелар Курц, за неизјаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ во врска со референдумот, рече дека има иста порака и за народот и за опозицијата и за власта.
„Важно е Македонија да има европска перспектива. Мојата порака е иста до сите“, одговори Курц на новинарско прашање.
Од 1 јули Австрија го презеде претседателството со Советот на ЕУ, за следниве 6 месеци. Мотото на нејзиното претседателство е „Европа што заштитува“.
Г. ТРПЕНОСКИ