Министерството за внатрешни работи денеска ги демантираше вестите дека во Градскиот парк во Скопје се најдени починати средношколци поради употреба на дрога.
Како што велат од МВР, овие лажни вести почнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан – од викендов, па сѐ до денеска.
„МВР категорично ги отфрла овие лаги, бидејќи пријава за таков настан не постои. Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив. Воедно, им благодариме на медиумите кои не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции“, велат од МВР.
Според јавно достапни објави и коментари, изминативе денови корисници на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер тврдеа дека станува збор за тинејџери починати од опојната дрога фентанил, која наводно им била ставана во пијачки во кафулиња. Дел од корисниците, исто така, ги обвинуваа новинарите дека молчат за масовните умирачки на тинејџери и тврдеа дека на медиумите им е забрането да објавуваат за наводната смрт на средношколците. Се појавија и „стручни“ фејсбук и твитер анализи за дејствата на разни видови дрога, под кои имаше многу коментари и споделувања.
Ваков статус на Фејсбук имаше објавено, па избришано, и професорка на Филозофскиот факултет, кој што потоа беше преземен и објавен како вест во неколку медиуми. Во статусот, кој што сега е недостапен, таа напиша за „гимназијалец отруен од дрога ставена во пијалок во кафич“ и праша „за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлат од 5-ти спрат и слични самоубиства“.
Откако неколку медиуми го презедоа овој статус, од МВР соопштија дека на 12 март е пријавено дека 18-годишник е најден починат на плочник пред зграда во Центар, за кој е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина.
„На 12.03.2023 во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј.Т.(18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на Јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина“, соопштија од полицијата.